Најуспешниот млад креативец на реномираниот маркетинг фестивал

Најуспешниот млад креативец на реномираниот маркетинг фестивал "Голден Драм"


Втора година партнерство на Македонски Телеком и Голден Драм 

Бранко Џалев е младиот креативец од Македонија кој годинава ја доби наградата за најдобро постер-решение на тема: „Зависност од мобилни телефони и социјални мрежи“.

За најдоброто решение, Бранко доби платен авионски превоз до Порторож, хотелско сместување и целосна котизација за реномираниот фестивал „Голден Драм“. Конкурсот и наградата се партнерска идеја на Македонски Телеком и Голден Драм, со цел да се поттикнат младите креативци од Македонија.

„Имав повеќе идеи во врска со темата „Зависност од мобилни телефони и социјални мрежи. Како активен корисник на смарт телефон и самиот се препознав во мотивот на кампањата и тргнав од своето искуство и што овој тип на дигитална зависност значи за мене. Тоа ме инспирираше да го насочам концептот кон нешто реално, нешто што не го гледаме низ екраните на кои поминуваме повеке од 8 часа дневно. Секако смарт телефонот стана неизоставен дел од нашите животи и бидејќи пораснав во време кога се играа жмурки и да се биде активен значеше многу повеќе од постирање на Facebook, знам колку значи да одвоиш време и чисто да го гледаш она што со телефонот не можеш“, изјави Џалев по повод наградата и неговото идејно решение.

„Sometimes you look but you don’t see“ е концептот од кој тргнал во реализација на својата идеја. „Она што се случува, а најчесто го пропуштаме е додека сме заробени во еден поинаков, дигитален свет, кој секојдневно ги поместува границите на реалноста. Ги земав ѕвездите за пример бидејки никогаш нема да изгледаат така фотографирани со телефон или кој било објектив како што ги гледаме со нашите очи. Тоа ми послужи за пример да ја доловам темата за оваа креатива“, вели Џалев.

„Young Drummers натпреварот како идеја е зачнат неколку години наназад на Голден Драм, во обид да им се даде шанса и поттик на сите млади дизајнери да направат нешто добро и да дојдат на фестивалот. Во Македонија го организираме втора година по ред заедно со Македонски Телеком. Тие веднаш ја препознаа нашата идеја насочена кон младите креативци и со нивна поддршка безрезервно влегоа во овој заеднички проект“, изјави Андреј Павловски, амбасадор за Македонија на адвертајзинг фестивалот Голден Драм.