Ви ги претставуваме најдобрите студенти на УКИМ: Дарио Стојановски - еден од најдобрите студенти со просек 9.85 на ФИНКИ

Ви ги претставуваме најдобрите студенти на УКИМ: Дарио Стојановски - еден од најдобрите студенти со просек 9.85 на ФИНКИ

Подготвил: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk


Дарио: Во текот на студиите постојано ги следев најновите достигнувања и секогаш се обидував да се запознам со нови технологии 

Факултети.мк низ интервјуа ви ги претставува најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј". Дарио Стојановски дипломирал со просек 9,85 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, на насоката информатика и компјутерско инженерство.

ФАКУЛТЕТИ.МК: На која насока студираше и со колкав просек ги заврши студиите?

ДАРИО: Студирав на насоката Информатика и компјутерско инженерство и завршив во 2014 година со просек 9.85. Моментално сум запишан на магистерски студии на ФИНКИ на насоката Софтверско инженерство со просек 9.86.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Дали беше тешко да се стане еден од најдобрите студенти на ФИНКИ? Како ти успеа?

ДАРИО: Да се стане еден од најдобрите студенти на ФИНКИ не е лесна задача. Потребно е големо залагање и посветеност кон учењето, но она што според мене е исто толку битно е да се има силен интерес за она што се изучува. Мислам дека клучот за мојот успех беше токму таа пасија за технологијата и можностите кои ги нуди. Со оглед на тоа што се работи за поле кое секојдневно се менува, студентите треба да се подготвени да се надградуваат надвор од факултетските клупи. Во текот на студиите постојано ги следев најновите достигнувања и секогаш се обидував да се запознам со нови технологии, без разлика дали се работи за некоја новина во програмерскиот или научно-истражувачкиот свет. Никогаш не се криев од предизвици и не ги избирав полесните предмети. Секогаш слушав предмети со практичен дел, каде ќе има можност да се изработи некаков реален софтверски проект. Според мене, практичните семинарски работи се многу битен дел од студирањето на еден технички факултет. Тие се добар начин за студентите да ги применат нивните теоретски знаења добиени од часовите и претставуваат добра подлога за развивање на професионалната кариера. За време на студиите се запознав со голем дел од веб и мобилните технологии како и со машинското учење, популарно поле од вештачката интелигенција, што беше од големо значење по дипломирањето, бидејќи имав појасна претстава каде сакам да ја насочам професионалната кариера. Сепак, покрај времето инвестирано во образование, треба да се одвои време и за социјалните аспекти од животот.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Што е она што најмногу ти се допадна во текот на студиите на ФИНКИ? Дали имате добри услови за практична настава?

ДАРИО: Она што го прави ФИНКИ еден од најдобрите факултети е односот на професорите и асистентите кон студентите. Секогаш се отворени за комуникација и споделување на искуства и сакаат да помогнат во развивањето на амбициозни и успешни студенти. Според мене, ониe проблеми со професорите за кои често знаеме да слушнеме од студентите не се ни најмалку присутни на нашиот факултет. Условите за практична настава во моментов се на задоволително ниво, но сепак има простор за подобрување. Се надевам дека што поскоро ќе се реши проблемот со немањето на сопствен објект. Она што е добро во моментов во Македонија, барем на овој план, е големиот број на компании кои се занимаваат со развивање на софтвер од кои голем дел имаат партнерство со ФИНКИ. Со тоа им се овозможува на студентите да одат на пракси во овие компании и да добијат реално искуство за тоа како е да се работи во една софтверска компанија и се подобро подготвени по завршувањето на академскиот живот.

ФАКУЛТЕТИ.МК: Во иднина сакаш да живееш и работиш овде или пак, планираш да се надоградуваш и работиш во странство?

ДАРИО: Да се продолжи кариерата во странство е тема на која имам многу размислувано и на која се уште размислувам. Во моментов сум ангажиран на научно-истражувачкиот проект MAESTRA финансиран од Европската комисија кој се одвива во рамките на ФИНКИ и сум во фаза на пишување на мојот магистерски труд. Фокусиран сум кон завршување на магистерските студии и тековните истражувања на кои работам како дел од проектот за кои и имам учествувано на неколку интернационални конференции. Кариерата би сакал да ја продолжам на докторски студии од областа на која моментално работам и да продолжам со извршување на научно истражувачка дејност. Условите за научно истражување на некој странски универзитет или истражувачки центар се на повисоко ниво, но сепак појасна слика за иднината би имал по завршувањето на магистерските студии.