Конкурс за доделување 150 (стоипедесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Конкурс за доделување 150 (стоипедесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11), член 54 став 3 од Законот за ученичкиот стандард (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13, 41/14 и 146/15) и Решение за распишување Конкурс за доделување на 150 (стоипедесет) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година, Министерството за образование и наука распишува

 

КОНКУРС

за доделување 150 (стоипедесет) стипендии за талентирани ученици - спортисти од јавните и приватните средни училишта

во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

 

Министерството за образование и наука за учебната 2015/2016 година ќе додели 150 (стоипедесет) стипендии за талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија.

 

 I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА


 

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:

1. да се редовни ученици од I година, кои во текот на претходните две учебни освоиле најмалку две награди за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;

2. да се редовни ученици од II, III и IV година, кои во текот на претходната учебна година освоиле награда за освоено I или II место на меѓународен натпревар или на државен натпревар од областа на спортот организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт;

3. да имаат постигнат просечен успех од најмалку 4,00 во досегашното образование;

4. да не повторувале година во текот на образованието;

5. да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;

6. да се државјани на Република Македонија.

Критериуми за доделување на стипендиите се континуирано остварен просечен успех од најмалку 4,00 и освоените награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот (поединечни или екипни), при што за критериумот остварен просечен успех може да се добие најмногу до 40 бодови, а од освоените награди најмногу до 60 бодови.

При утврдување на вкупните бодови од освоените награди за ученици од I година ќе се вреднуваат двете највисоко рангирани-освоени награди,  а за учениците од II, III и IV година ќе се вреднува само една највисоко рангирана-освоена награда.

Дополнителни 10 бодови ќе добијат учениците кои ќе достават повеќе од предвидените награди/дипломи, а се од ист вид на спорт.

За награди освоени на државен натпревар од областа на спортот ќе се признаваат само награди освоени на натпревари организирани од национални спортски федерации кои имаат решение за вршење на дејноста спорт издадено од Агенција за млади и спорт, а не од спортски клубови, здруженија и сл.

 

II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ


 

Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http:// konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 03.11.2015 година до 15.11.2015 година.

Пред започнување со електронското пријавување, задолжително да ги комплетирате сите потребни документи од точка III на овој Конкурс.

Списокот со избраните кандидати ќе бидe објавен на 14.12.2015 година на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk.

 

III. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ


 

Учениците, кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, Скопје, од 16.11.2015 – 27.11.2015 година, од 09-15 часот, ги доставуваат следните документи:

1. Евидентен лист;

2. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2015/2016 година;

3. Идентификационен број од успешно пополнета електронската пријава;

4. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршени претходни години на образованието (кандидатите од I година доставуваат свидетелства од VI-IX одделение);

5. Заверени на нотар фотокопии од дипломи за освоени награди на државни и/или меѓународни натпревари;

6. Изјава потпишана од родител-старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена на интернет порталот http:// stipendii.mon.gov.mk;

7. Изјава потпишана од родител-старател дека доставените документи се вистинити и податоците во нив се идентични со оние податоци внесени во електронската пријава, објавена на интернет порталот http:// stipendii.mon.gov.mk;

 

Министерството за образование и наука по службен пат, согласно потпишани договори за соработка, ќе ги обезбеди следните документи:

-уверение за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.

 

Наградите-дипломите каде што нема прецизно утврдено освоено место на државни или меѓународни натпревари, односно награди и пофалници за учество на натпревари без освоено место, нема да се земат во предвид.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:

-некомплетна и/или

-ненавремено доставена.

Кандидатите нема да бидат рангирани ако Комисијата утврди дека податоците кои се внесени во електронската пријава не се идентични со податоците од доставената документација.

Комисијата може да утврди дополнителни критериуми доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови.

 

IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА

 

Висината на стипендијата ќе изнесува 2.970,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.