Nordeus ги отвори вратите за петтиот Hackathon

Nordeus ги отвори вратите за петтиот Hackathon

Наскоро почнува најголемиот натпревар во изработка на игри во овој дел од Европа

 Nordeus веќе петта година организира натпревар за развој на видеоигри – Nordeus Hackathon, најголем гејм-џем во овој дел од Европа. Годинава настанот ќе се одржи на 12 декември 2015 година во просториите на компанијата во Белград.




Со текот на времето Nordeus Hackathon, токму како и самата компанија, се разви во еден од најпрепознатливите брендови на индустријата на игри во регионот и во петтата година на одржување продолжува да поставува нови стандарди. Иако првично бил замислен како натпревар наменет за девелоперите на игри од сите нивоа на знаење, годинава за пријавување се повикуваат првенствено професионалци, како од идни, така и од постојните познати регионални и светски студија.

Креативноста, тимскиот дух, снаодливоста и знаењето повторно ќе бидат пресудни во пронаоѓањето на победникот на Nordeus Hackathon 5 во низа категории за кои се подготвени најдобри и највредни награди досега.

„Nordeus Hackathon во добар дел го претставува она врз што е изграден нашиот успех. Тимската работа, вештините и страста се само некои од потребните квалитети за да се развијат најдобрите игри. Ние сме постојано во потрага по таленти, по најдобрите во секој сегмент од развојот на игрите. Со организирање на овој возбудлив натпревар им даваме можност да се изразат на најдобар можен начин, додека истовремено ја поддржуваме регионалната гејминг- индустрија и нејзиниот развој“, изјави Бранко Милутиновиќ, директор на Nordeus.

 Пријавите за Nordeus Hackathon 5 се отворени и сите заинтересирани може да се пријават исклучиво на службената веб-страница за натпреварот на http://www.nordeushackathon.com. Пријавите се отворени како за тимови, така и за индивидуални натпреварувачи. По пријавувањето натпреварувачите минуваат низ процес на селекција од стручниот тим на Nordeus (претставник за човечки ресурси, девелопери и артисти) за да се изберат најдобрите натпреварувачи! Рок за пријавување е 30-ти ноември 2015 година.

Nordeus ќе им ги покрие сите трошоци за пат и за сместување во Белград на избраните тимови што доаѓаат надвор од Србија. Исто така, во текот на натпреварувањето на самата локација на сите тимови им се обезбедуваат и потребните опрема и софтвер.

Пронаоѓањето таленти од индустријата на игрите, како и секоја година досега, е примарна цел на Nordeus Hackathon 5. Еден од нив е Андреј Јагар од БиХ, победникот од минатата година. Тој изјави: „Nordeus Hackathon беше феноменален! За мене лично тоа беше апсолутен тест на нашиот тим и навистина дадовме сè од себе! Организацијата беше беспрекорна, натпреварувачкиот дух на професионално ниво, но, сепак, сосема олабавен. Се вративме во нашиот роден град инспирирани, така што веднаш почнавме со работа на нов голем гејминг- проект“.