Запознајте го Харис Бабачиќ - еден од најдобрите студенти на медицински факултет со просек 10.00

Запознајте го Харис Бабачиќ - еден од најдобрите студенти на медицински факултет со просек 10.00

Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk



Медицината ви ги прикажува најубавите, но и најгрдите страни на човековото битисување. Од убавината на еден нов живот, нечие излекување, до почитта кон смртта и телото на починатиот од кое го учите тоа. Плејада на приказни, во вид на дијагностички енигми. Такво едно искуство ве менува, ве редефинира - Харис Бабачиќ

Бабачиќ е дипломец на Медицинскиот факултет, чиј просек е 10,00. Тој годинава од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ ќе добие награда за најдобар студент за учебната 2015/2016 година, oткако претходно како одличен студент четири години беше стипендист на фондацијата. Во ова интервју за „Факултети.мк”, тој вели дека за да се стане успешен човек, потребна е истрајност, многу работа, желба за откривање и истражување, соработка, среќа, но најбитни се целта и мотивацијата.

Студирањето медицински науки воопшто не е лесна работа. Како успеа да бидеш најдобар во својата генерација?

Студиумот по медицина е навистина еден од најтешките. Бара многу работа, посветеност, емпатија, истрајност, интелигенција, широки познавања. Студентите по медицина во еден долг период од шест години се соочуваат не само со сопствени потешкотии, со крупни и тешки испити, туку и со битни животни прашања. Медицината ви ги прикажува најубавите, но и најгрдите страни на човековото битисување. Од убавината на еден нов живот, нечие излекување, до почитта кон смртта и телото на починатиот од кое го учите тоа. Плејада на приказни, во вид на дијагностички енигми. Такво едно искуство ве менува. Ве редефинира. И за тоа секако е потребно големо инвестирање како на психичка, така и физичка енергија. Најдобар. Многу некако тежина му даваме на тој збор. Не би можел да кажам дека сум најдобар во својата генерација. Особено не после шест години поминати студирајќи покрај толку многу прекрасни умови, како една Маја Бошковска или еден Дејан Јакимовски или Елмедина Асани, или Зоран Мечкарски. И ред други кои би можел да ги набројам. Несогледувањето на квалитетите во другите околу нас води само кон живеење во една убаво обоена илузија. Исклучително пријатна перцепција на искривена големина, која води во погрешна насока. Но факт е дека постојат подобри, помалку добри и недоволно мотивирани студенти. Како до тоа да се биде поуспешен студент? – Истрајност, многу работа, желба за откривање и истражување на светот околу нас, соработка, нешто среќа, но најбитни ќе да се целта и мотивацијата. Бенџамин Зандер има интересен поглед на ова прашање. Вели дека тој има само А класа студенти. Притоа појаснувајќи дека пред да започне да предава им дава задача на студентите да му напишат писмо на датум една година по почетокот на наставата појаснувајќи му што направиле во изминатата година, т.е. годината која им претстои, со што ја заслужиле највисоката оценка. И по читањето на нивните мејлови, спознавајќи ги нивните желби, стравови, силни, слаби страни, цели, планови, мотивации, го прилагодува наставниот материјал на тие студенти кои стојат пред него. Звучи прекрасно. Верувам дека голем број би сакале да студираат на ваков начин. Во таков еден систем студентите би биле полни со ентузијазам, со желба за спознавање и проширување на видиците, бидејќи тргнувате од нивната мотивација и ја расплинувате. И веројатно повеќето би биле десеткаши. Најдобрите би биле оние кои тоа знаење најдобро би го примениле во пракса.

Со какви проблеми се соочуваат студентите на медицински науки во земјава и што е потребно да се направи за тие да почнат да се решаваат?

Студентите по медицина се соочуваат со многу проблеми. Би коментирал еден актуелен и од покрупните и новововедени проблеми - Закон за медицински студиии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, кој меѓу другото, опфаќа полагање на прв дел од лекарски стручен испит после втора година студии и е предуслов за напредување во студиите по медицина. Студентите по медицина беа експерименталните глувчиња две години пред обидот за воведување на Закон за високо образование кој требаше да направи овци од академија. И жално е како тивко и без отпор помина истиот, покрај тоа што истиот е противуставно упаѓање во автономијата на универзитетите и медицинските факултети, покрај смешните членови во кои со закон е дефинирано од која литература ќе се изучуваат предметите на медицинските факултети и како ќе се полагаат испитите (ако не, да воведеме роботи-тестатори наместо професори); особено денес кога во светските академски кругови се преиспитува и редизајнира целокупниот образовен систем. Не постои соодветен план за медицинска едукација во државава, што е еден од клучните проблеми во здравството. А за да се реши овој проблем потребна е темелна анализа и изработка на долгорочна стратегија, сето тоа направено од локални и експерти од надвор, со задолжително вклучување на студентите и професорите во процесот. Овој закон наметнат како решение е како да со метла чистите градежен шут во својата авлија бидејќи комшијата во неговиот двор со метлата успешно ги собрал есенските лисја. Нам ни треба долгорочно решение за нашата авлија и за нашиот шут. Дотогаш студентите ќе бидат во некоја трка да постигнат да ги завршат обврските на факултет и да следат нечиви хирови. Но нема ниту слух, а камо ли разбирање од министерот за здравство. Жалосно е. Но и сентиментот настрана - многу ќе нè чини тоа.

Сведоци сме на постојано заминување на младите лекари од државата. Зошто е тоа така?

Па тоа само се надоврзува на претходното. Голготата и немањето визија за здравството во Македонија имаат ефект и по студирањето. Кога ќе дипломирате всушност е и пострашно. Младите лекари се соочуваат со неколку опции. Едната е да се вработат во приватна ординација за смешна плата; на еден од интернет огласниците пред неколку месеци беа објавени два огласа, едниот за вработување лекар за плата од 11.000 денари, друг за вработување овчар за плата од 12.000 денари. Другата опција е доколку успеат некако (а веројатно треба да се испочитуваат некои битни критериуми, како “лојалност”) да се вработат во државна институција и да добијат државна специјализација, треба да потпишат меница дека нема да се откажат од специјализацијата и од работа за установата во времетраење три пати подолго од траењето на специјализацијата; во спротивно ќе треба да платат десеткратно од износот на цената на специјализацијата. Со други зборови – ве вработуваат, специјализирате 4, 5 или 6 години, потоа треба да работите за установата 12, 15 или 18 години, во спротивно доколку заминете од установата треба да платите сума од 100.000 евра (ако специјализацијата чинела 10.000 евра). Трети па се одлучуваат за опција која е еклузивна и постои кај нас, Србија и мал број други земји – приватна специјализација, при која специјализантите плаќаат сами за специјализацијата и работат полно работно време за истата. Замислете на 24 години, по дипломирање медицина во рок, да треба да специјализирате уште четири до шест години, да работите полно работно време, за кое не сте платени, туку самите плаќате 1000 евра по семестар. Без здравствено, пензиско и инвалидско осигурување. Во меѓувреме се обидувате да постигнете да работите уште дополнителни 8 часа дневно во некоја приватна установа, за да преживеете. Звучи надреално? Не, тоа е живот на приватен специјализант во Македонија.

За споредба стажантите не само во Германија, туку и во, некогаш не толку далечна, Хрватска, па и во, една, подеднакво сирота, Црна Гора, се платени, со утврдена минимална студентска плата. Специјализантите во овие земји можат да бидат само вработени. Не постојат приватни специјализации, ниту можат нивните лекари да ја разберат налудничавоста на таа идеја. А доколку сте се одлучиле да работите во здравствениот систем на Р. Македонија, треба ли да споменам дека сте се одлучиле за најлоши услови за работа во Европа. Покрај тоа што многу малку се инвестира во здравството а многу повеќе се зборува за тоа, здравството ни е убедливо меѓу најлошите во Европа. За инвестиции во наука ни да не спомнувам. Не можам а да не го споменам и случувањето од пред неколку дена. Досега имавме случаи да лекари бидат нападнати вербално и физички, но обид за убиство со огнено оружје укажува дека имаме сериозен проблем. Ова претставува само кулминација на вештерскиот лов на лекари кој се практикува во последниве неколку години. Еве секој еден кој го чита ова нека се задума и искрено нека си одговори дали би останал да работи во такви услови како лекар? Или би сменил професија во овчар? Или би си го исполнил сонот некаде надвор каде можностите се многу поголеми, и професионално и економски. Каде несомнено би бил побезбеден, посигурен, позадоволен и поисполнет. Голем број на млади лекари од Македонија се многу успешно интегрирани во болниците и универзитетските клиники ширум Европа, САД, Канада, Австралија. Медицинскиот Факултет во Скопје произведува квалитетни кадри. Но за нив македонското здравство не наоѓа простор. А клучот е во тоа. Вработување на млади кадри, врз основа на квалитет, неколку години за ред, наместо да тој кадар мигрира во други земји. Секој еден заминат лекар државата ја чини десетици илјади евра кои биле инвестирани во обуката на истиот. А ја чини стотици илјади и милиони евра заминување на еден високо образуван граѓанин кој може знатно да придонесе за својот народ. Кадарот би го подигнал здравството; секако доколку тоа му биде овозможено од оние кои раководат со тој кадар.

Кога веќе го спомнуваме тоа, какви се твоите планови, се гледаш ли себе надвор од Македонија во иднина?

Па, јас веќе сум заминат. И не само јас, многу колеги и пријатели или заминале или се подготвуваат да заминат. Ми се чини и дека лекарите не сме изолиран случај; воопштено младите ја напуштаат Македонија. И верувајте дека никој тоа не го прави туку така или од младешки бунтовнички револт. Не е лесно да оставите сè и секој што ви значи, да спакувате два куфери и заминете некаде каде не познавате никој. Но се соочувате со реалноста. А реалноста е дека доколку останете во Македонија ќе останете невработен, со скршен дух и идеали, гонет заради тоа што размислувате поинаку. Од друга страна ви се отвора можност да се остварите на највисоко професионално ниво. Логиката е дека најмногу можеме да му служиме на општеството на кое припаѓаме ако се развиваме, напредуваме, учиме, спознаваме и притоа не забораваме од каде сме и кој придонел да бидеме тоа што сме. Жално е што академските граѓани, студентите, лекарската фела молчат за сè она што се случува. Секако дека не е лесно, дека ќе бидеме осудени, дека ќе има притисоци и реперкусии, бидејќи живееме во тоталитарен режим. Но ми се чини дека не е прашање на молк веќе. Најстрашно е кога нешто престанува веќе да ни биде важно. А некако како да сите си ги вртиме истите муабети во истите кругови; општеството ни е поларизирано, нема допирни точки меѓу неистомисленици, нема соработка, нема слушање за да се разбере туку само за да се одговори на другата група, нема доверба. И со текот на времето слободоумните како да се измориле и да се откажале. Станале апатични, незаинтересирани. Како ништо повеќе да нема вредност. Сепак, искрено се надевам дека оние кои се борат за некое подобро утре ќе бидат и понатаму со истиот жар. А се надевам и дека ние кои сме заминале затоа што сме морале нема да ги заборавиме сите оние кои нè подигнале и научиле да чекориме - родителите, семејството, пријателите, професорите, асистентите; или оние кои директно или индиректно придонеле за нашето напредување. Тука повторно би им се заблагодарил на луѓето од Алкалоид и Фондацијата “Т. Мукаетов” за подршката која ни ја пружиле и која сè уште ја пружаат на студентите по медицина и младите лекари, не само со инвестирање во нашето образование, туку и со вработување на тие млади кадри, нивно задржување во државата, инвестирање во нивно стручно и лично усовршување. И секако на многуте професори и асистенти кои несебично биле и сè уште се тука за нас и како учители и како пријатели. Постојат луѓе кои разбираат дека единствен начин да ова наше мало општество опстане и се унапреди е преку инвестирање во младите и препуштање во нивните раце да се води некое подобро утре. И наше е да учиме од тие луѓе за да продолжиме во тој дух кога ќе дојде време. Да, добар дел сме заминале, но не забораваме од каде сме и не се откажуваме од идеалот дека работите во оваа земја можат да се сменат на многу подобро. Имаме должност кон некои други млади кои доаѓаат утре. Да самите одлучуваат за својата иднина, без присила.