Свечена церемонија на доделување дипломи на Универзитетот Шефилд во Солун

Свечена церемонија на доделување дипломи на Универзитетот Шефилд во Солун

Подготвил: Драгана Петрушевска

Во саботата, на 21 ноември, во Солун се одржа церемонија на дипломирање на Меѓународниот факултет на Универзитетот „Шефилд“, „Сити Колеџ“. Универзитетот и факултетот беа домаќини на свечената церемонија на дипломирање за 2015 година, на која присуствуваа повеќе од 200 дипломци, постдипломци и докторанди кои завршиле студии на факултетот годинава.


Дипломирањето ја следеше истата академска процедура како церемониите на Универзитетот во Обединетото Кралство. За време на церемонијата, шест истакнати алумни беа наградени со „Награда за истакнати алумни“, како признание за нивните видни професионални достигнувања. Меѓу овие алумни беше и Панче Кралев, претседател на Одборот на директори на Македонски Телеком, а поранешен Министер за образование и наука на Република Македонија.





„Многу е важно да се донесат студенти од многу градови од регионот. Тоа им овозможува подобро да се разбираат меѓусебно, да создадат пријателски врски и на тој начин да помогнат за развојот на цел овој регион. Тоа е една од нашите најважни цели, а нашата визија ни е да создадеме професионални кадри кои ќе бидат многу успешни за самите себе, но исто така кои ќе бидат на позиции од каде ќе можат да дадат голем придонес за подобрување на заедницата, да создадат подобро општество за луѓето, за економијата, за земјите, за развој на целиот регион“, изјави Јанис Верверидис, директор на „Сити колеџ“.


На манифестацијата присуствуваше и Заменик Канцеларот на Универзитетот „Шефилд“, Сер Кит Бурнет, кој изјави дека факултетот ја исполнува најважната работа - нудење можности за иднината на своите студенти.

„Прво им даваме структурирано образование, квалитетен материјал, предизвик а исто така потребни се и одредени квалификации за да станете наш студент, мора да ги извршувате задачите со висок квалитет, навремено, да покажете дека може да работите во тим. Тоа се големи обврски соодветно на предизиците на денешницата и светот што се менува многу брзо“, додаде тој.



Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, СИТИ Колеџ повеќе од две децении ги пренесува програмите на Универзитетот Шефилд во Солун, Грција и во Југоисточна Европа (Бугарија, Романија, Србија, Македонија и Украина), давајќи им можност на студентите и професионалците да студираат за диплома од Универзитетот Шефилд во нивната земја.

Денес, Извршните МБА програми се одвиваат во Солун, Софија, Букурешт и Белград, со серија на магистерски програми кои се нудат во Софија и Букурешт и серија на додипломски студии и програми достапни во Софија и Скопје. Дипломците добиваат диплома од Универзитетот Шефилд, диплома од универзитет кој е рангиран меѓу 1% од најдобрите универзитети во светот (69ти во светот и 24ти во Европа според QS World University Rankings за 2014-15 година).