Словенечки пратеник си поднесе оставка поради сендвич

Словенечки пратеник си поднесе оставка поради сендвич

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дариј Крајчич, пратеник од политичката партија Листа на Марјан Шарец (ЛМШ) во словенечкиот парламент, поднесе оставка по само неколку часа откако на колегите им раскажал дека извел „општествен експеримент“, одминувајќи ја касата во продавница во близина на зградата на парламентот од каде што „набавил“ сендвич.

Сè почнало во средата кога пратеникот во текот на расправата за механизмите на контрола на прехранбени производи на матичниот одбор, сакајќи да ја разведри атмосферата, рекол дека механизмите за контрола функционираат добро ако сите се придржуваат до нив, но дека на надзорот сè уште му бега нешто и сето тоа го илустрирал со една бизарна анегдота.

Дариј рекол дека самиот јавно се пријавува бидејќи во блиската продавница зел сендвич одминувајќи ја благајната.

- Чекав да платам сигурно неколку минути, но таму на пултот си разговараа, а за мене никој не водеше сметка. Затоа си излегов без да платам. И никој не тргна по мене иако таму има повеќе камери за видеонадзор - рекол Крајчич, инаку доктор на науки по шумарство и доцент на љубљанскиот универзитет, кој претходно го водел и државниот завод за заштита на природата.


Дариј Крајчич
Фото: strankalms.si

Колегите во одборот сметале дека станува збор за невкусна шега.

Иако тој потоа на новинарите им рекол дека не станувало збор за вистинска, туку за виртуелна кражба, односно „општествен експеримент“ и дека подоцна го платил и им се извинил на продавачките, неколку часа подоцна објави дека поднесува оставка од пратеничката функција. Оставката му е прифатена.