Codefest 2016 ги поврзува сите страни на технолошката заедница

Codefest 2016 ги поврзува сите страни на технолошката заедница

Четвртото издание на Codefest претставува една развиена форма на она што досега ни е познато како програмерски маратон за младите ИТ ентузијасти, кои имаат можност да развиваат свои идеи во рок од маратонски 32 часа. Оваа година настанот ги обединува и поврзува сите страни на ИТ заедницата, не само студентите, средношколците и ИТ професионалците, туку и ИТ бизнис секторот, образовниот сектор, стартапите и инвестициските фондови. Настанот е најавен за 15-17 април оваа година во хотелот Инекс Горица во Охрид.


Оваа година Codefest ќе содржи три активности: Codeference – еднодневна технолошка конференција, Codefest Marathon – веќе добро познатото маратонско кодирање од 32 часа, и CF X – Business Expo – изложбено експо за претставници од ИТ бизнис секторот и образовните институции.

Настанот започнува на 15ти април со Codeference, каде поголем број предавачи и панелисти од земјава но и од глобални рамки ќе имаат свои обраќања на теми поврзани со технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и развој на бизниси, инвестиции, а ќе се даде осврт и на моменталната состојба во Македонија и регионот, како и предлози за забрзан технолошки развој и преглед на можностите за подобрување на состојбата. Веќе се најавени и првите говорници на конференцијата, меѓу кои се забележуваат интересни профили од Словенија, Полска, Бугарија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Конференцијата е отворена за сите заинтересирани посетители од регионот, а регистрациите веќе се започнати со pre-booking на следниот линк: http://www.codefest.eu/codeference#Register.





Codefest Marathon го задржува фокусот исклучиво на студенти од технолошки факултети и поврзани области, кои во тимови од 2-5 члена можат да аплицираат со сопствена идеја и без претходни подготовки да добијат можност истата да ја развиваат до демо или прототип верзија во текот на маратонски 32 часа. Аплицирањето за Codefest Marathon е веќе во тек и трае до 15 март, а сите заинтересирани можат да аплицираат на следниот линк: https://www.eventbrite.com/e/codefest-marathon-2016-tickets-20310715898. Оваа година маратонот добива и силен интернационален карактер, со тоа што стана официјален член на светски познатата лига на хакатони, Major League Hacking. Со ова тимовите-учесници ќе добијат поголема интернационална видливост, како и светски признанија за најдобрите тимови. Маратонот ќе се одржи на 16-17 април во хотелот Инекс Горица во Охрид.


Паралелно со Codeference и Codefest Marathon, ќе се одвива CF X – Business Expo, на кое компаниите и другите институции ќе имаат можност во свој изложбен простор да ја претстават својата работа и да ја покажат својата одговорност кон вклучување на вакви настани. На ова експо, компаниите ќе можат да се запознаат и да остварат соработки со дел од присутните експерти, говорници и претставници на други компании, а истовремено ќе имаат и пристап до квалитетни и талентирани млади луѓе и можности за on-site регрутација. Заинтересираните компании можат да се пријават на следниот линк: http://www.codefest.eu/cfexpo#Join.

„Претставува огромен предизвик да се подготви еден ваков настан, но истовремено го чувствуваме и како одговорност кон покажаниот интерес од страна на заедницата во изминатите три години на Codefest. Оваа година ќе се обидеме тоа и да го надминеме, со тоа што му даваме силно изразен интернационален карактер на настанот и многу посериозни придобивки за учесниците. Со искуството од минатите 3 години, веруваме дека пред нас е еден несекојдневен настан“, изјавија основачите и организатори на настанот.