Како може да се стане Монтессори едукатор во Македонија?

Како може да се стане Монтессори едукатор во Македонија?

Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk


 
Божана Марковска е Монтесори едукаторка и директорка на „Изворче Монтессори", единствената приватна градинка во Македонија која што применува автентична Монтессори едукација и која оваа година слави 24 години постоење. Кој може да стане Монтессори едукатор и какви услови треба да се исполнат за такво нешто? На овие прашања токму таа одговара во ова интервју за „Факултети.мк".

Како може да се стане Монтессори едукатор во Македонија?

Доктор Марија Монтессори во текот на својот живот основала неколку тренинг центри и организации, кои постојат и денес и го продолжуваат нејзиното дело и метод. Сите овие се автентични и основани или од Марија Монтессори или од нејзините син Марио или внука Ренилде. Целта е да се разграничат автентичните од неавтентичните установи кои нудат Монтессори едукација за деца или за возрасни. Правилата важат на сите континенти и се јасно дефинирани. Едукатор на деца може да биде лице кое е длабоко запознаено со теоријата и методологијата на Монтессори методот и знае да ракува и да употребува автентични Монтессори материјали. Постојат неколку нивоа на образование за едукатори кои соодветно на сертификатот (потврда за знаење) работат со деца на возраст од 0-3 години, 3-6 години, 6-9 години, 9-12 години, како и едукатори кои работат со тинејџери во средно училиште. Сертификат се здобива после една учебна година теорија и уште една пракса, со материјали и со деца.



Монтессори методологијата опфаќа неколку области: практичен живот, развој на сетила, математика, јазик, космичко образование (природни и општествени науки), но денес се имплементираат музика, уметност и физичка активност во курикулумот на секој Монтессори ученик. На крајот од обуката, во финалниот испит идниот Монтессори едукатор (кој работи со деца) треба да помине тест на знаење и за опсервација и бележење на секојдневни активности и лекции од курикулумот. Монтессори е индивидуален пристап и за секое дете се бележи посебно и се адаптира планиран курикулум според возраста и можностите. Монтессори едукаторот бира и креира лекции и презентации со кои ќе му помогне на детето ученик да научи и совлада планирано градиво. Монтессори едукатор за возрасни може да врши лице кое има соодветна Монтессори обука, знаење и искуство. Вообичаено е едукатори или тренери да се лица кои имаат најмалку пет години искуство во училница, со деца, родители и Монтессори материјали. За да се добие право за Монтессори едукација треба да се добие соодветна согласност од некоја од Монтессори организациите кои Доктор Марија Монтессори ги основала.

Само овие организации се доволно стручни и компетентни да извршат надзор и проценка на подготвената средина, автеничност на материјалите, доволно знаење на лицата едукатори кои работат со децата, дали се задоволуваат стандардите за Монтессори автентичност. Ова се обично консултанти или тренери кои имаат најмалку 10 години искуство, но имаат или некогаш воделе Монтессори установа (предучилишна или училиштна).Едукаторот на учители мора да е запознаен не само со Монтессори методологијата, туку и со практичната имплементација на истата, менаџмент на предучилишна или училиштна установа, доволно години пракса во работа со деца и родители. Препораки и сертификати се неопходни за потврда на сето горе наведено. Тренерите кои вршат обука на возрасни лица држат семинари, работилници како и целогодишни циклуси на обука во соодветен автентичен Монтессори тренинг центар. Овие центри се обично дел од предучилиштна или училиштна установа која покрај Монтессори акредитација има и владина акредитација. Без соодветни лиценци и потврди за задоволување на воспитно-образовни и едукативни стандарди за деца и возрасни тренинг-центар е неавтентичен. Во овој случај истиот нема поддршка ниту авторизација од Монтессори автентични организации. Монтессори едукатор во Македонија може да се стане ако се исполнат стадардите за Монтессори едукација како и секаде во светот.

Каков вид на образование е потребно кандидатот претходно да завршил?

Најмалку средно образование, но најсоодветно е високо образование Педагошки факултет, педагози, психолози, дефектолози, лекари, но лекарите и дефектолозите се посоодветни за Монтессори теравпевти заради вокација на нивната професија. Ова важи за лица кои работат со деца и применуваат Монтессори методологија.

Дали моделот се покажува како успешен кај нас и кои се придобивките од учење по напредни програми?

Монтессори едукацијата веќе над 100 години потврдува дека е еден од најнапредните системи на едукација во светот. Многу успешни луѓе на денешницата како што се сопствениците на Гугл, Амазон, Фејсбук, се потврда на тоа и тие често потенцираат дека Монтессори едукација придонела да бидат тоа што се денес. Напредните програми прават напредни луѓе. Најзначаен период од развојот се првите пет години и затоа најголем број на Монтессори установи се за таа возраст. Кај нас единствена приватна градинка што применува автентична Монтессори едукација е “Изворче Монтессори“ која оваа година слави 24 години постоење и се подготвува да ги постави темелите на нов објект по сите Монтессори светски стандарди со врвна Монтессори едукација во соработка на Монтессори експерти од Европа и САД. “Изворче Монтессори“ покрај многуте меѓународни признанија и акредитации за автентичност има и лиценца за приватна градинка издадена од Министерство за труд и социјална политика. Во текот на процедурата за лиценцирање беа проверени сите сертификати, документации и програма кои градинката ги достави. Во 2006 години е официјално признаено од движењето на “Еден век Монтессори” основано од автентични Монтессори установи под закрила на Ренилде Монтессори.