Меѓународно истражување: Какви ученици најчесто стануваат наставници?

Меѓународно истражување: Какви ученици најчесто стануваат наставници?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Низ земјите кои се дел од Организацијата за економска соработка и развој, во кои не се наоѓа Македонија, само 5% од учениците сакаат да работат како наставници кога ќе пораснат. Доколку се земат предвид само девојчињата, процентот ќе порасне на 6%, а во поглед на машките, би се намалил на 3%.


Според истражувањето на ПИСА, академскиот профил на учениците кои очекуваат да работат како наставници се разликува од ученик до ученик. Меѓутоа, најчесто, овие ученици имаат послаби математички вештини и вештини за читање отколку другите амбициозни ученици.

ПИСА покажува и дека повисок процент од учениците сакаат да работат како наставници во земјите кадешто платите на наставниците се повисоки.

„Квалитетот на наставниците се покажува како најважен фактор во образованието кога станува збор за предвидувањето на академскиот успех. Меѓутоа, во последните години, многу земји забележуваат намалени бројки на квалитетни наставници, особено во науките и математиката“, пишува во извештајот.

Истражувањето на ПИСА било спроведено на 15-годишници во над 60 образовни системи низ светот. Учениците биле прашани што очекуваат да работат кога ќе имаат 30 години. Просечно, 44% од учениците изјавиле дека ќе работат како професионалци, но само 5% од учениците сакале да работат како наставници.

Повеќе земји со одлични образовни системи, како Финска и Јужна Кореја, стигнале до ваквите системи со ангажирање на најдобрите средношколци. Но, ПИСА открива дека најдобрите ученици најчесто не сакаат да станат наставници и не стануваат наставници по завршувањето.

Конечно, во извештајот стои дека образовните системи мора да станат покомпетитивни во придобивање и задржување на добрите наставници. Со повеќе бенефиции, како плати и компензации, земјите треба и да размислат за зголемување на вредноста на предавањето со нудење поголема автономија во работата на наставниците, како и зголемување на социјалниот статус на професијата.