Каде се храбрите денес?

Каде се храбрите денес?

Пред да преминам на главното, сакам да напоменам дека статијава е наменета за оние на кои не им е убав животот во Македонија и не се задоволни од својата финансиска состојба. Останатите нема што да прочитате, што веќе не знаете.



Читам по социјалниве мрежи и гледам дека се што знае оваа наша младина е да плаче, да кука, да се жали и да плука по својата држава, односно по самите себе. И се прашувам, каде се храбрите луѓе, каде се самостојните луѓе кои живееле на ова парче земја порано? Каде се луѓето што наместо да чекаат работите да бидат подобри, се активираат и ги прават подобри, ако не за сите, барем за самите себе. Ќе напише некој статија како жали што не се иселил и тој со тие 78.000 и ќе собере илјадници лајкови од исти како него. Сите сакате подобро, ама сакате некој друг да ви го сервира и да ви го донесе. Радо би чекале и би се жалеле дека е лошо, отколку што би станале и би работеле за подобро. И следи култното прашање, па што да работам кога нема работа? Глупоста во ова прашање е голема колку универзумот, но сепак ќе се обидам да ви објаснам.

Пред се, самите себе треба да си поставите две прашања, а тоа сe: кои се моите способности и како можам да ги искористам. Следно што треба да направите, е да ги заборавите општествените догми и да тргнете кон непознатото. Да бидете храбри и да превземете ризик. Треба да сфатите дека никој друг нема да ви го направи вашето утре подобро. Треба да сфатите дека денес е комерцијално време и никому не му е гајле за вас. Дека ништо нема да се смени доколку чекате од другите. Уште од мали, сите ние сме учени дека правилно е да завршиме факултет, да најдеме добра работа,  да основаме семејство... Но што кога работите не одат по планот? Ке чекаме да се средат сами, а во меѓувреме ќе кукаме по социјалните мрежи и ќе бараме емпатија од останатите како нас? Зарем до толку се чувствувате неспособни сами, без ничија помош да успеете во животот? Можно е да се успее сам,само не е лесно, полесно е да се троши времето во кладилница или на кафе. И никој не е должен да ви обезбеди работа на вас. Што мислите кои се тие 1% што „вработуваат“? И тие се луѓе како вас, кои најчесто биле без скршен денар во младоста, но за разлика од повеќето вас биле храбри и превземале ризик. Истите тие и ден денес своето време го трошат на продуктивност и не се замараат со луѓе и политика,  додека вие денгубите на социјалните мрежи со плачење и плукање по својата држава. На својата држава, исто како и на вашите родители eдинствено треба да сте им благодарни што сте се родиле, се друго е бонус кои некои го имаат повеќе, а некои помалку. Обвинување на родител или држава за вашата состојба е кукавички и срамно. И размислете убаво зошто цел во животот ви е да се вработите и да работите за некој друг? Која ќе биде смислата на вашиот живот тогаш? Да го живеете за остварување на нечиј друг сон? А, секако ќе земате мала плата, бидејки претприемачите ја користат ваквата ситуацијата, каде сите млади се со убедување дека немаат друг излез и мора да бараат работа од нив. И тоа нема да се смени се додека размислувањето на младината не се смени.И не, не велам сите да бидете претприемачи, велам да бидете самостојни,  да ги пронајдете можностите за работа со вашата професија и да ги искористите сами. Ако сметате дека ги нема, размислете дали воопшто сте се потрудиле да научите нешто додека сте биле на факултет. Ако немате доволно искуство, не чекајте некој да ви го даде, седнете и работете сами,  макар биле и имагинарни проекти. Има работа за секој на оваа планета што знае да размислува отворено и да превзема ризици. Секој може да се грижи сам за себе и да успее сам. Впрочем така и живееле луѓето години наназад. Ова жалење и чекање едни од други е последица на едно не толку далечно време наречено комунизам, кога и квалитетните луѓе и неспособните биле еднакви. Никогаш пред тоа не било така, ниту сега е така. Тоа не е природно. Природна е еволуцијата и природната селекција. Затоа пронајдете ги своите квалитети и искористете ги како што најдобро знаете и умеете. И на крај, или ќе успеам сам или ќе умрам обидувајки се. Барем ќе знам дека сум се обидел и сум дал се од себе.

Можеби на голем дел нема да им се допадне статијава, но се надевам дека ќе допре до свеста на добар дел луѓе, а тоа ќе бидат оние луѓе за кои вие останатите утре ќе работите и вашите животи ќе ги трошите за остварување на нивните соништа.

Текст: Ненад Јовановски
www.nenad.mk