Од НОВА на Оксфорд - Сонував за ова и сонот ми се остварува

Од НОВА на Оксфорд - Сонував за ова и сонот ми се остварува

Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk


Интервју Софија Панева, ученичка во меѓународното училиште НОВА 

Софија Панева е ученичка во меѓународното училиште НОВА. Таа неодамна доби понуда за студии на престижниот Универзитет Оксфорд. Во ова интервју за „Факултети.мк", Софија зборува за желбите, плановите, а раскажува и за досегашното искуство во престижното меѓународно училиште.

Факултети.мк: Имаш понуда за студии на Универзитетот Оксфорд, конкретно на биомедицински науки на Ориел колеџот. Што претставува овој успех за тебе?

Софија: Процесот на аплицирање на Универзитетот Оксфорд за мене претставуваше воедно и личен и професионален предизвик. Процедурата ја започнав уште во октомври 2015, а таа се состоеше од две фази: првата вклучуваше интернет апликација и приемен испит, а втората, интервју со професори од Факултетот за медицина при Универзитетот Оксфорд. Сите овие фактори придонесоа за аплицирањето да биде еден долг и напорен процес, типичен за една мошне селективна образовна институција како Универзитетот Оксфорд. Одлуката од универзитетот ја добив на почетокот на јануари, а таа претставуваше голема радост за мене, за моето семејство и за пријателите и професорите од Меѓународното училиште НОВА. Бев многу среќна бидејќи Оксфорд беше место за кое сонував веќе неколку години, пред сè поради тамошната академска клима и долгогодишна висококвалитетна образовна традиција. Дополнително ме радуваше фактот дека сум примена конкретно на програмата по биомедицина, област која ме фасцинира бидејќи е мост кој ја поврзува медицината и грижата за здравјето со научното истражување и работата во лабораторија. Уште на самиот почеток бев свесна дека конкуренцијата за оваа програма е голема, а шансите за прием многу мали (во просек околу 30 студенти од целиот свет годишно влегуваат на оваа програма), па резултатите искрено ме изненадија. За мене лично приемот на Универзитетот Оксфорд претставуваше награда за вложениот труд и посветеноста кон природните науки, додека за моето училиште тоа претставува уште една потврда за квалитетот и вниманието вложени во учениците.

Факултети.мк: Каде се гледаш себе на долг рок, дали во Македонија или некаде надвор?

Софија: На долгорочен план, би сакала по завршувањето на додипломските студии од областа на биомедицината да продолжам со постдипломски студии по медицина на некој од универзитетите во Европа. Многу од државите во Европа, меѓу кои и Велика Британија, се одличен пример за напреден здравствен систем и развиен научен сектор. Иако е сè уште рано за дефинитивни планови, искрено би сакала по завршувањето на студиите да работам на имплементирањето на знаењето и искуството стекнати во странство во некои од домашните институции.

Факултети.мк: Што претставува за тебе учењето во меѓународно училиште какво што е НОВА?

Софија: Започнав да учам во Меѓународното училиште НОВА во септември 2012, како стипендист на програмата Борис Трајковски-НОВА. Во текот на изминатите четири години добивав значајна помош и поддршка од страна на училиштето. Наставната програма на училиштето нуди образование согласно со светски стандарди и напредни академски програми (International Baccalaureate и Advanced Placement), што ми овозможи своите омилени предмети да ги изучувам на високо (факултетско) ниво, а воедно и ме подготви за високите академски стандарди при аплицирањето на Оксфорд. Професорите во НОВА, со својата стручност и посветеност секогаш беа тука да помогнат во совладувањето на материјалот, но и да го поттикнат интересот кон науките, математиката, јазиците и уметностите. Конечно, не можам да ја изоставам администрацијата во НОВА, која вложува многу труд и енергија на сите ученици да им овозможи да ги остварат своите цели. Во тој поглед, особено ми значеше поддршката на мојaтa советничка, која неуморно работеше со мене и будно ја следеше секоја фаза од апликацијата. Од сите овие причини, НОВА за мене беше и ќе остане заедница каде што бев интелектуално стимулирана, но и постојано охрабрувана да се стремам кон нови достигнувања.