Планината која раздвојува два различни света

Планината која раздвојува два различни света

Подготвил: Драгана Петрушевска

Планината Хермон буквално раздвојува два света. На едната страна од планината се наоѓа вистинска зимска идила, каде луѓето безгрижно скијаат, пијат варено вино и слушаат гласна музика. Од другата страна на планината има нешто сосема спротивно - се одвива војна, луѓето умираат и гладуваат.


Хермон ги раздвојува Израел и Сирија. Кога денот е сончев, од популарниот скијачки центар може да се види Дамаск и неговото потполно уништено предградие кадешто се водат битки последните четири години.

Додека на Сиријците главната задача им е да преживеат и да се прехранат, на нивните соседи во Израел главната грижа им е да набават крема за сончање.

Сепак, ова скијалиште се разликува од европските и американските. Поради комплицираната положба, Израелците на планината имаат поставено војници и воени бази. На скијалиштето има знаци кои ги предупредуваат посетителите да не одат надвор од означените стази.

Директорот на скијалиштето открива дека веќе неколку пати досега морале да го евакуираат скијалиштето, но немаат чувство дека војната е близку до нив бидејќи сè е заштитено и има војска и полиција со кои се соработува одлично.