Во иста училница истовремено им предавам на три одделенија

Во иста училница истовремено им предавам на три одделенија

Може ли да замислите како е да се предава и учи во училница во која учат повеќе одделенија? На едно место ученици од прво, трето и петто одделение, истовремено ја совладуваат наставата, а наставникот времето предвидено за часот подеднакво го распределува на сите. За овие ученици часот, наместо 40, трае околу 13 минути. Ако во истата училна учат и четири одделенија, тогаш има и помалку време за учење. 



Според податоци од Државниот завод за статистика, во учебната 2013/04 година во Македонија сме имале 8.775 ученици кои учеле во 904 комбинирани паралелки. Со оглед на тоа што оваа година вкупно сме имале 190.541 ученици распоредени во 10,664 паралелки, тоа значи дека 4,6 проценти од македонските ученици учат во училница со ученици од различни одделенија. Вакви паралелки со четири и повеќе одделенија оваа година имало 137 во кои учеле 1.315 ученици.

Дека бројот на вакви паралелки се зголемува, говори податокот дека во учебната 2009/10 година сме имале 797. Вкупно 9.636 ученици учеле по принципот на комбинирана настава од кои 1.160 ученици биле во училници во кои имало четири и повеќе одделенија. Најголемиот дел од овие училишта се наоѓаат во село или помали населени места каде нема премногу деца, во подрачни училишта. Од вкупно 990 основни училишта, во 334 има комбинирана настава, а во 231 и комбинирана и некомбинирана.

Наставничка од битолско основно училиште предава на три одделенија истовремено. Таа накратко, ни го објасни процесот на работа кој нималку не е лесен.

- Во иста училна имам две првачиња, четири ученици во трето и пет во петто одделение. Еден час го делам на три дела, па практично секое одделение добива дел од тие предвидени 40 минути. Распоредот гледам да е соодветен за да нема многу хаос. Па, сите имаме час по музичко, физичко. Ако едните учат македонски со другите две паралелки имам природни науки. Јас одвечер спремам не четири предмети за предавање (ако имаат четири часа), туку многу повеќе. Понекогаш подготвувам материјал за десттина различни предмети, што знае да биде исцрпувачко. Истото важи за пополнување на Е-Дневник и сите мои административни обврски. Па, се случува првачињата наместо да вежбаат букви, да слушаат што им предавам на другите. Кога испрашувам, или имаме тест со едно одделение, треба да им дадам задачи и на другите за да бидат тивки. Воопшто не е лесно да се организира ваква настава, но се навикнав со текот на времето. Во спротивно, ќе останам без работа, а  децата ќе мора да патуваат до соседното село кое е поголемо и има некомбинирана настава - вели одделенската наставничка.   

Деканот на Педагошкиот факултет во Скопје, Владо Тимовски вели дека секој наставник што предава во комбинирана паралелка мора да помине едукација бидејќи тоа е посебен тип на работа.

- Порано имаше семинари за обуки за комбинирана настава, сега не сум сигурен. Но, мора секој наставник да помине некаква обука, да добие едукација бидејќи комбинираните паралелки ги има сè почесто поради намалениот број на ученици. Инаку, вакви паралелки сме имале отсекогаш. Имам една анегдота со мој колега кој пред многу години училницата ја заградил со даски, за да не може учениците меѓусебно да се гледаат и да губат концентрација, а тој да може да ги следи  - вели Тимовски.