Е-Учењето e иднината на нашето постоење

Е-Учењето e иднината на нашето постоење

Преку моето искуство како студент, патник, работник, сфатив дека ништо не е толку значајно од нашето учество во унапредување на општеството, односно белегот кој секој од нас ќе го остави за генерациите кои доаѓаат. Ако човекот не го постигне врвот на "Маслоу пирамидата на сопствена реализација", никогаш не може да биде целосно задоволен.


Човекот отсекогаш имал внатрешна потреба да се усовршува, да учи, да го споделува своето знаење, да работи, да патува, да се движи, дури и во моменти кога сето тоа навидум му изгледа невозможно. Сите ние сме сведоци на голем број случаи кога луѓето не се откажуваат од своите соништа. На пр. Луѓе кои биле физички неспособни да се движат, научиле да танцуваат. Луѓе кои имале некој друг физички недостаток, на пр. се глувонеми, тоа не ги спречило да напишат книга која станала бестселер, музичко или ликовно дело кое им овозможило да ја пренесат својата автентичност и оригиналност, да направат некаков технолошки пронајдок кој ќе допринесе за благосостојбата на човештвото итн. И не само тоа, луѓе кои немале доволно материјални средства да студираат на скапи универзитети во САД или Европа, и/или биле дискриминирани заради бојата на кожата, религијата, полот итн. успеале да направат големи промени во општеството во кое живеат и да допрат со својата порака на глобално ниво. Во природата на човекот е да се бори, да се бори за себе, но и за опстанок на својот род, на човештвото.

Тоа задоволство на сопствена реализација и остварување и успехот на таа борба во голема мера зависи од акумулација на знаењето и искуството преку интра-генерациско и интер-генерациско учење. Интра-генерациско учење е учењето помеѓу луѓе од иста генерација, додека пак интер-генерациско е учењето помеѓу луѓе од различни генерации. Во денешните процеси на брз технолошки развој и преголема зависност од Интернет, еден од тие синџири кој поврзува различни генерации и луѓе од различни делови на светот кои делат исти или слични интереси е Е-учењето (MOOC -Massive Open Online Courses).

Од пред неколку години станав активен корисник на веб порталите за бесплатно е-учење (coursera, edX, iversity, FutureLearn) и признавам дека сите работи кои ги научив ми го сменија животот на подобро. Стекнав поголема сигурност во начинот на кој се изразувам, секојдневно го усовршувам познавањето на англиски јазик, стекнувам способност елоквентно и јасно да го искажам своето мислење, да влезам во дискусија со луѓе од Македонија или странци подготвена со знаење за голем број на работи кои во моето универзитетско образование не сум имала прилика да размислувам, па камоли да пишувам и да дебатирам. Е-учењето, чија крајна цел е неформалното образование, се базира на бесплатно образование за сите без разлика во кој дел од светот се наоѓаат. На веб порталите комуницирам со луѓе од земји од Африка, јужна Азија или Блискиот исток кои се различни од мене, но едноставно поради фактот што се родиле во земја со многу низок економски раст, немале доволно избор и можности за да имаат живот каков што посакуваат и да стекнат квалитетно високо образование. Веб порталите за е-учење, тоа им го овозможува. Не само што секој што има интернет и компјутер може да научи и доволно е само да има желба, туку и без разлика каде тоа лице се наоѓа, секогаш ќе има достапност до истите материјали, методи и образовни техники како и децата и студентите кои живеат и студираат во земји со висок стандард и економски раст, како на пр. Државите во Северна Америка и Европа.

Понатаму, е-учењето овозможува солидарност помеѓу учесниците во споделувањето на знаење, толеранција за нивната различност бидејќи имаат една заедничка цел, а тоа е да го зголемат своето знаење и вештини кои ќе им овозможат поголема економска независност и поголема сигурност за своите способности и понатамошно активно учество во своето општество. Многу сум благодарна на сите професори од најдобрите универзитети во светот што прифатиле да бидат од делот од овој процес на пренесување на знаење. Тие се пример на академици со повисока свест на размислување и живеење, бидејќи сватиле дека со нивното учество во пренесување на сопственото знаење до сите во светот кои едноставно сакаат да учат, фактички придонесуваат за глобален развој на човештвото. На подолг рок, професорите кои учествуваат во процесот на е-учење достапно до сите, овозможуваат да се намали јазот помеѓу богатите и сиромашните земји во светот. Помалку развиените земји ќе имаат пообразован кадар бидејќи младите луѓе кои учествуваат во процесот на е-учење, го доусовршуваат постоечкото или учат нешто ново, ќе бидат во можност да го применат своето знаење, да стекнат економска независност, а со тоа и да учествуваат во подигнување на стандардот на својата земја. Со подигнување на стандардот на својата земја, тие учествуваат во унапредување и развој на човештвото. Би можеле да одиме и подалеку, во случај кога странски компании би сакале да соработуваат со домашни компании во одредена област, тие студенти ќе имаат образование и обука од странски професор на универзитети како Харвард, Стенфорд, или Кембриџ, нешто што многу повеќе се цени во овој глобален свет, кое ќе го искористат за да остварат што поуспешна соработка со тие странски компании. Можноста е-учењето да биде достапно за сите е за пофалба и јас безрезервно го поддржувам.

Како индивидуи кои трагаме по слобода на изразување, доживотно учење (lifelong learning) и активно учество во унапредување на општеството, во период на брз развој на технологијата и интернетот, Масовните Отворени Онлајн Курсеви (MOOC) се иднината на нашето постоење.

Автор:  Александра Христова