Евалуација на сите факултети, додека се работи на новите

Евалуација на сите факултети, додека се работи на новите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Двајца професори, еден пратеник и една студентка учествуваа во дебата синоќа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ за да ги искажат своите ставови за основањето на новите државни универзитети. Јавната дебата беше организирана од Студентскиот пленум.


Професорите беа Благоја Јанаков од Филозофскиот факултет, член на Професорскиот пленум и Тања Каракамишева Јовановска, член на таканаречениот контра-пленум, кој беше актуелен изминатата година. Претставник на Студентскиот пленум беше Александра Филиповска. Присутен беше и пратеникот од СДСМ, Стефан Богоев.

За време на своите десет минути, тројца од присутните беа против изградбата на нови државни универзитети: Богоев, Јанаков и Филиповска. Каракамишева Јовановска изјави дека не ѝ се допаѓа негативниот пристап кон темата и дека секогаш сака позитивно да ги гледа работите.

Меѓу другото, таа, како член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, најави странско евалуирање на сите државни и приватни високообразовни установи, со што ќе се добие извештај за квалитетот на високото образование во Македонија. По евалуацијата, таа извести дека ќе следува затворање на факултетите што не ги исполнуваат нормите за квалитет. Конечно, таа изјави дека Македонија нема многу државни универзитети во споредба со останатите европски земји, каде бројот на државни универзитети е значително повисок.


Од друга страна, Јанаков смета дека Македонија има премногу универзитети. Професорот вели дека бројот на факултети денес во земјава изнесува 135, со 466 програми. Сите промени се извршени во последните десет години, според него.

- Какво ќе биде образованието за 10 години, мене коса ми се дига ако продолжи вака - кажа Јанаков.

Тој додаде дека порано, кога бројот на студенти бил значително помал, професорите се грижеле дека се премалку за нив, а сега ситуацијата е дотолку влошена. Овој проблем со недостатокот на кадар го загрижува и во поглед на отворањето нови државни универзитети. Наместо тоа, тој предложи засилување на сегашните факултети и инвестирање во нив.

Филиповска од Студентски пленум смета дека треба да се направи анализа на финансиското влијание на новите универзитети врз старите, како и анализа за бројот на студенти кои би студирале на тие универзитети. Не се најави зголемување на буџетот, а се најави отворање на нови универзитети, што може да влијае финансиски на останатите институции, според неа. 

Конечно, Богоев, пратеник во Собранието и претставник на СДСМ, смета дека отворањето на новите универзитети има политички цели, односно тие се отвораат „за да се вдомат контра-експерти пред избори, а воениот универзитет би бил искористен за билдање лажен национализам“.

Богоев го достави пред публиката и законот за отворањето на воениот универзитет „Дамјан Груев“, кој содржи само 7 страници и 30 члена. Во делот кадешто треба да се видат финансиските пресметки за отворањето на универзитетот стојат нули, покажа Богоев. За истиот закон, пратениците не добиле никакви информации пред неговото гласање, вели тој.