Експеримент кој започнал во 1879 година, а ќе заврши во 2100 година

Експеримент кој започнал во 1879 година, а ќе заврши во 2100 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Познатиот ботаничар Вилијам Џејмс Бил од Универзитетот во Мичиген во 19-от век започнал експеримент кој уште долго време нема да заврши.

 

експеримент


Кога започнал експериментот, познавањето на растенијата било многу поограничено од денес, па научниците се обиделе да утврдат како точно растенијата 'ртат од семињата, и на тој начин да им помогнат на земјоделците еднаш засекогаш да се решат од плевелот.

За да откријат, Бил заклучил дека мораат да утврдат колку долго семињата можат да преживеат во почвата без 'ртење. Затоа, во 20 стаклени садови полни со влажен песок ставил 50 семиња од 23-те видови најчест плевел и ги закопале на тајна локација околу универзитетскиот кампус.

Садовите останале отворени за водата да може да дојде до самите семиња, а во план имал на секои пет години да вади по еден сад и да ја проверува нивната состојба.

Бил успеал да ископа вкупно 6 садови пред да оди во пензија, кога таа должност му ја пренел на својот помлад колега кој го направил истото до крајот на неговиот мандат. Неколку генерации и 100 години подоцна, за експериментот бил задолжен Френк Телевски, ботаничар кој моментално се грижи за овој експеримент.

Експериментот требало да заврши уште во 1979 година, но научниците процениле дека можат да го продолжат, само со подолги периоди помеѓу копањето (последниот сад бил изваден во 2000 година, а наредниот ќе биде изваден во 2020 година).

Локациите и понатаму се тајни за луѓето да не започнат лов на сувенири, меѓутоа оваа приказна и понатаму е тука и поттикнува интерес кај науката.

Што се однесува до самите резултати на истражувањето, тие сега се ирелевантни, а заклучоците од нив се застарени. Сега против плевелот се бориме на поинаков начин (воглавно со хемија) и далеку подобро го разбираме системот на растенијата.

Сепак и понатаму е интересно да се набљудува како во последниот сад никнале само два од 23-те видови на плевел. Во текот на историјата (односно 15 извадени садови) се покажало дека најчестиот плевел е „Verbascum blattaria“, а останатите видови воглавно имале сличен успех.

Дали ќе се случи нешто важно во 2100 година, кога е и предвиден крајот на експериментот, веројатно ќе треба да почекаме за да дознаеме, но убаво е да се дознае дека се`уште постојат вакви историски експерименти кои ја покажуваат убавината на науката.