Интервју со Ѓурѓица Алексова директор на основно училиште: Формиравме

Интервју со Ѓурѓица Алексова директор на основно училиште: Формиравме "Фонд за надарени ученици" преку кои ги наградуваме најдобрите ученици

Подготвил: Драгана Петрушевска

Основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ се наоѓа во Кавадарци. Во ова училиште учениците растат во креативна атмосфера во која учат да бидат љубопитни за светот околу нив. Разговаравме со директорката на училиштето, Ѓурѓица Алексова.


Факултети: Што ја прави работата со децата деликатна? Како се соочувате со предизвиците?

Ѓурѓица Алексова: Она што ја прави работата со децата деликатна е токму предизвикот училиштето да влијае на правилен начин врз интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој на децата. Во училиштето учениците треба да усвојуваат и стекнуваат знаења, но и искуства и вештини во социо – емоционалното и психомоторното подрачје кои ќе им обезбедат правилен развој и подршка на физичкото и менталното здравје. И најмала грешка во воспитно – образовниот процес може негативно да влијае врз целосниот развој на личноста на ученикот. Токму тоа ја прави работата со децата деликатна.

Училиштето треба да ја јакне самодовербата на ученикот, да ја поттикне свеста за сопствената индивидуалност, но и одговорноста за своите постапки, да ги развие креативноста, толеранцијата, соработката, културните и цивилизациските вредности, унапредување на здравиот начин на живеење... Основното училиште треба да ги охрабрува учениците да ја откриваат својата посебност, но и активно да се подготвуваат за одговорен живот во демократско граѓанско општество. Сето тоа е предизвик пред кој стоиме сите ние како чинители во воспитно – образовниот процес.

За мене како личност секој предизвик претставува мотивација, а во овој случај она што ме води е љубовта кон децата, вербата дека секое дете е посебна и крие во себе нешто на кое мора да му се даде можност да се развие. Ние сме моделатори на личноста кои вешто ги комбинираат деловите на стекнатото воспитување, усвоените навики и знаења, културното наследство, креативноста и талентот кое секое дете ги носи во себе. Но само во вештите раце на вистински мајстор ќе може тоа да се преточи во уметничко дело кое ја красат една воспитана, образована и успешна личност. 

Факултети: Сите растеме обликувани од средината околу нас. Во каква средина би сакале да растат учениците во ООУ„Тошо Велков – Пепето“ ?

Ѓурѓица Алексова: Креативна, стимулирачка средина, каде се поттикнува љубопитноста на учениците и мотивацијата за учење, преку современа, активна и индивидуализирана настава, каде се води поголема грижа за интересот на секој ученик, како и специфичностите карактерични за одделните развојни периоди низ кои поминуваат учениците. Средина која ги нуди најдобрите услови за престој и учење, во која ученикот е во центарот на вниманието и се почитува принципот на „најдобар интерес на детето“ односно средина каде сите возрасни учесници во воспитно – образовниот процес во начинот на реализација на своите активности и своето однесување, при донесување на одлуки, секогаш да го имаат во предвид најдобриот интерес на учениците.


Факултети: Како ги инспирирате учениците да напредуваат?

Ѓурѓица Алексова: Во училиштето во текот на изминатата учебна година беше спроведена иницијативата и формиран „Фонд за надарени ученици“ преку кој се пофалуваат и наградуваат учениците кои постигнуваат солидни резултати на одредени конкурси и натпревари, а чија цел е токму поттикнување на учениците за постигнување на подобри резултати, развивање на натпреварувачкиот дух и мотивирање на останатите ученици да го следат примерот на наградените ученици.

Почесто користење на „Правилникот на пофалби и награди на учениците“ во училиштето, бидејќи лично сметам дека пофалбата, а не казната повеќе влијае и мотивира.

Напредувањето на учениците е поврзано и со мотивацијата за учење. Користење и развивање на модели на оценување што ја подобруваат објективноста преку согледување на напредувањето на знаењето, кое пак влијае на внатрешната мотивација на учениците за учење, е исто така многу значајно. Затоа во училиштето наставниците ги насочувам кон употреба на овие модели на оценување.

Факултети: А како наставниците?

Ѓурѓица Алексова: Позитивната клима за работа, учеството во одлучувањето по одредени прашања значајни за работата на училиштето, како и можноста за континуиран професионален развој на наставниците, се моите методи и начини на инспирација.

Подобрените услови за работа преку реновирање на училиштето, набавка на современи наставни средства и помагала потребни за една современа и модерна настава, мислам дека исто така инспирирачки делуваат.

Поттикнување на креативноста преку јакнење на нивната иницијативност и довербата во сопствените потенцијали и способности, преку делегирање на одредени задачи, само по себе е поттик за подобри резултати и напредување на наставниците.

Факултети: Кои се вашите планови и цели за иднина?

Ѓурѓица Алексова: Остварување на визијата и мисијата на училиштето односно создавање на модерно и современо училиште со позитивна клима за работа и меѓусебно почитување, кое создава успешни, хумани , чесни и креативни граѓани кој што придонесуваат за развој на општеството се моите приоритетни цели.

Тука би сакала да напоменам дека јас во ова училиште пред да дојдам на позицијата Директор, 13 години работев како наставник по Музичко образование што значи дека сум пред се уметник, кој секогаш и од секоја позиција работата ја гледа како поле на уметничко творење и креативност. Затоа моите цели секогаш се насочени кон напредување на училиштето преку поттикнување и остварување на таа креативност (како кај себе така и кај наставниците), а во насока на нешто ново и оригинално. Тоа ме води и во моите планови за иднина, кои секако се насочени кон подобрување на условите за работа и учење, каде секогаш во центарот на вниманието се учениците,а во насока на градење европско модерно училиште.