Почна традиционалниот меѓународен натпревар RoboMac 2016

Почна традиционалниот меѓународен натпревар RoboMac 2016

„Манифестацијата RoboMac прерасна во омилена интернационална традиција на Факултетот за електротехника и информациски технологии, чија популарност се повеќе се зголемува“. Ова го порача Ања Несторова од Студентскиот Парламент при ФЕИТ на денешното свечено отворање на седмиот меѓународен натпревар за роботика и вештачка интелигенција “RoboMac 2016”.


„Со гордост потенцирам дека од сите настани што ги организира Студентскиот парламент во текот на годината (Месец на претприемништво, Контакт, Летните семинари и тренинзи), RoboMac е настан со најголема традиција. Повеќе не е обичен настан од областа на роботиката и вештачката интелигенција, туку омилена интернационална традиција на Факултетот. Популарноста на RoboMac се повеќе и повеќе расте“, рече Несторова во обраќањето пред многубројната публика.

Според продеканот за финансии, професор Димитар Ташковски, студентите кои дипломирале и магистрирале на ФЕИТ се признати и ценети во својата работна околина.

„Дека и сегашните студенти се навистина добри и квалитетни, доказ е денешниот настан RoboMac, кој полека преминува во своевиден бренд во нашата држава. И повторно, за тоа секако, најзаслужни се студентите од студентскиот огранок на македонската секција на Институтот за инженери од електротехника и електроника (IEEE) и Студентскиот парламент на ФЕИТ“, рече Ташковски.

Претседателот на студентиот огранок на македонската секција на Институтот за инженери од електротехника и електроника (IEEE), Георги Костов, RoboMac е настан кој ќе ги поттикне и поддржи студентите да постигнат многу повеќе од она што некогаш помислиле дека е возможно.


„Со текот на годините, утврдивме дека е потребно да ги задоволиме амбициите на помладите и на повозрасните учесници. Затоа, категориите ги поделивме на две нивоа, со што во првото ниво се веќе постоечките: sumo, race и humanoid, а во напредно ниво се sphero, artificial intelligence и quadcopter“, рече Костов.

Финалето на меѓународниот натпревар ќе се одржи на 12 март 2016 (сабота) во Домот на АРМ со почеток во 18 часот. На овогодинешниот натпревар учествуваат 65 учесници од Македонија и 15 натпреварувачи од странство. RoboMac 2016 вклучува низа работилници и предавања на кои учесниците ќе се запознаат со роботиката и најновите научни достигнувања.