Корисниците на компјутери Mac се во опасност од хакерски напад

Корисниците на компјутери Mac се во опасност од хакерски напад

Подготвил: Драгана Петрушевска

Оперативниот систем за компјутерите на „Apple“ за првпат се најде на удар на напаѓач кој бара откуп.


Корисниците на компјутерите „Mac“ се најдоа за првпат на удар на напад преку една од најопасните малициозни апликации, ransomware. Ова е прв познат случај во кој оперативниот систем за компјутерите на оваа компанија е нападнат од лице кое бара откуп.

Неодамна откриениот вирус „KeRanger“ ги заклучува сите податоци на компјутерот, по што напаѓачот бара откуп од сопственикот за повторно да ги добие податоците. Оперативниот систем досега беше познат како речиси имун на било каков вид напади, особено во споредба со оној на „Microsoft“.

Ransomware е начин на напад на компјутерот со кој се криптираат податоците на тврдиот диск на корисникот, а за да се отклучат, напаѓачите бараат откуп. Неименуван поединец морал да плати нешто повеќе од 400 американски долари за хакерите да му овозможат пристап до податоците. Уплатата се врши во биткоини, поради што е тешко да им се влезе во трага на напаѓачите.

„KeRanger“ на компјутерот се инсталира заедно со „матична“ апликација и по активацијата ги криптира сите податоци.

На службената интернет-страница на апликацијата „Transmission“ било објавено дека сите корисници кои имаат инсталирана верзија 2.90 или 2.91 се во потенцијална опасност и се советуваат да ја инсталираат верзијата 2.92 која е „чиста“ од софтверот.

Од компанијата велат дека преземале чекори за да ја оневозможат работата на овој софтвер.