Ова се најеколошките ресторани и кафулиња во Скопје за 2015-та година

Ова се најеколошките ресторани и кафулиња во Скопје за 2015-та година



Над 110 ресторани и кафулиња во Скопје редовно ја собираат својата, пред се стаклена амбалажа, во посебни канти на Пакомак, кои потоа се рециклираат, наместо да завршат на депонија. Станува збор за општествено одговорни угостителски објекти кои се вклучени во проектот на Пакомак "Are You Recycling" и кои ја имаат поставено таблата "Еко ресторан" или "Еко-кафуле". Угостителски објекти кои ги следат еколошките барања и потреби на поширокото општество, а посетителите тоа го ценат и ги наградуваат со својата лојалност. Со цел да им оддаде признание на најдобрите според количините на стакло кои ги селектирале, Пакомак ги избра најдобрите 10 еко угостителски објекти во Скопје, и тоа по 5 од секоја категорија. Тоа се еко ресторани: Русија, Дојрана, Пелистер, Барбакан и Градина и еко кафулиња: Ба Ду, Бар Конак, Кватро, Палма и Ла петит.

Со овој еко проект на Пакомак над 35 тони стаклени шишиња месечно се собираат и се носат на рециклирање. Тоа значи над 80.000 шишиња месечно кои повторно ќе се преработат и станат шишиња, со минимално можна потрошувачка на енергија и загадување на околината. Активност која можеби претставува мал напор на угостителите за селекција на отпадот, но од тоа голем бенефит има пошироката заедница.

Повеќето од овие еко ресторани имаат и модерни плински скари со вулкански камења, уредно го собираат употребуваното масло за готвење од фритезите и го предаваат на специјализирани компании кои го преработуваат, наместо истото да заврши во канализациски канали и да ги загадува подземните води, со што дополнително придонесуваат кон заштитата на животната средина.

“Во 2016 година имаме за цел над 150 угостителски објекти во Скопје да го селектираат својот отпад, и уште толку низ другите градови на земјава. Над 2 мил. стаклени шишиња да се рециклираат од угостителството, и уште толку од домаќинствата. Иднината на успешните угостители не е само во квалитетот на услугата што ја нудат, туку и во нивната одговорност кон зачувување на средината во која работат, одговорност кон општеството во кое живеат и заработуваат. Македонија мора да стане земја со развиена еколошка свест и модерно управување со отпадот кој го создаваме” изјави Филип Ивановски-Генерален Директор на Пакомак.