Интервју со уметникот Мирјана Бубевска:

Интервју со уметникот Мирјана Бубевска: "Вреднувајте се себеси, работете напорно и вистинските луѓе секогаш ќе ве следат"

Подготвил: Тамара Гроздановски

Мирјана Бубевска од Битола е дипломиран уметник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф.Рубенс Корубин, насока сликарство.



Таа учествувала на повеќе домашни и интернационални групни изложби, а нејзината прва самостојна изложба „Фрустрациите како дел од животот“ беше во 2013 година. Таа активно учествувала во проектите за конзервација и реставрација на цркви во соработка со Завод и музеј од Битола. Со Мирјана разговаравме за нејзината инспирација, мотивација и нејзиниот најнов проект наречен „Sketch me if you can“.

 

Факултети: Од каде љубовта кон уметноста и кога откри дека имаш талент за цртање?


Мирјана: Не би го насловила тоа што го правам под поимот „љубов“, туку тоа е повеќе моја исконска потреба. Животните прашања кои си ги поставувам сама на себе, можев да си ги одговорам единствено преку ликовниот израз и така сфатив дека тоа е мојата животна мисија. Мислам и дека тоа е најважниот одговор, да сфатите зошто постоите на овој свет.  Има голема разлика помеѓу тоа да си уметник и да знаеш да црташ. Разликата е во тоа што уметноста е начин на живот. Цртам уште од како знам за себе. Се научив сама да цртам, а најголем пример ми беа цртаните филмови на Дизни. Имав по една тетратка за секој цртан филм посебно, каде ги цртав сцените од Пепелашка, Малата сирена и слично. Мислам дека тоа влијание на детскиот израз и ден денес се чувствува во мојот уметнички ракопис и стил, а и мојата најголема цел е да го зачувам баш тоа неуморно дете во мене.

Факултети: Што најмногу те инспирира да црташ?

Мирјана: Верувам во тоа дека сме родени во одредено време и место со причина и дека целта е да ја пронајдеме таа причина. Инспирацијата е мал збор за да ја опише моќта на некои луѓе кои влијаеле на мојот систем на размислување. Јас поради овие причини секогаш се вртам кон самата себе како најголем извор и конечна цел на моето творење. Тоа е така зошто осознав дека како инспирација можат да ни послужат сите оние елементи на кои сите нас ни се достапни, но секој од нас различно ги доживува. Сите ние сме инспирирани од личноста или делото- без разлика дали станува збор тука за музика, слика, книга, филм и слично, кое е најблиску до нашето лично доживување и со кое се споредуваме, па оттука решив едноставно да го изразувам само она што лично ме окупира, она што го доживувам и чувствувам и на тој начин да им овозможам на оние слични на мене да се пронајдат во моите слики.

 

2


Факултети: Од каде идејата за твојот проект наречен „Sketch me if you can“? Која е неговата цел и каква порака преку него сакаш да порачаш?


Мирјана: Проектот „Sketch me if you can” започна како производ на мојот интерес за  YouTube видеата. Имав можност да работам за компанија која се занимава со видео платформата и во тој период мојот видик се промени тотално. Да бидеш YouTuber  е многу забавна работа, но исто така бара многу време и константност во издавањето на видео клипови.

Прво започнав со неколку туторијали, а потоа решив буквално да го споделам мојот блок за скицирање. Јас и порано си давав за задача да скицирам барем 20 минути дневно, тоа е добро за вежбање, инспирација, зголемувањето на дисциплината и креативноста, но овој пат тоа решив да биде малку посериозно и да биде проследено со видео.

 

3

 

Значи секој цртеж од видео клиповите е направен за 20 минути и е дел од моето секојдневие, она што го мислам, чувствувам, сонувам или едноставно некој настан или некоја личност која е дел од мојот живот.

Крајната цел на овој проект е да направам една онлајн продажна изложба.Изложбата ќе биде интернационална, поради тоа и се решив да се случува онлајн, а средствата од цртежите ќе бидат донирани за хуманитарни цели. Тоа ќе биде мојот придонес за сите оние млади луѓе во нашата земја за кои секојдневно се собираат парични сретства за нивното лекување.

Факултети: Во што најмногу наоѓаш мотивација?


Мирјана: Најголема мотивација за мене е моменталната духовна состојба во која се наоѓам. Мотивацијата ја црпам од негативните и позитивните искуства и тоа како тие влијаеле на мене. Се она што ми се случува, а сакам да остане запаметено и мислам дека вреди да биде споделено, го преточувам во слика.

 

4


Факултети: Кои се твоите планови за иднината и каде се гледаш себеси за некои 5 години?

Мирјана:
Покрај проектот „Sketch me if you can!“ работам на мојата втора самостојна изложба и имам ангажмани и ликовни колонии кои следат во претстојниот период.  За понатаму имам планови да го усовршам моето образование некаде надвор од нашата земја и да продолжам да творам во некои простори каде има поголеми услови за млади уметници и каде уметноста е повеќе ценета, а со тоа и да си ја зголемам можноста за својата лична уметничка надоградба.

Факултети: Твоја порака до сите уметнички души?

Мирјана:
Мојата порака е да бидат тоа што се. Сите ние сме различни и имаме различен начин на изразување, личен стил и личен печат и тоа е она што е најважно. Добро е да се слушаат критиките од стручните лица, од професорите, од врвните уметници, но никогаш немојте да дозволите да се изгубите себеси поради тоа. Гледајте на критиката како на можност за усовршување, но не и на губење на идентитетот. Не постои полошо чувство од тоа пред вас да стои дело кое сте го направиле вие, а да чувствувате дека е направено под влијание на некој друг. Вреднувајте се себеси, работете напорно и вистинските луѓе секогаш ќе ве следат.