Учениците од

Учениците од "НОВА" истражуваа од каква музика се кршат прозорци и дали растенија сакаат звуци



Како различен тип на музика може да влијае на молекулите на вода и дали звуците може да придонесат за забрзување или забавување на растот на растенијата се само дел од темите кои беа разработени на традиционалниот саем на наука во меѓународното училиште „Нова“. Учениците од шесто до осмо одделение во петокот ги презентираа пред јавноста своите истражувања на тема „Науката низ призма на музиката“.

Саемот беше поделен на два дела и во првата етапа учениците се запознаа со различни аспекти на музиката, со неколку инструменти и со жанрови како што се фолклорот, џезот и класичната музика. Настанот беше поддржан од Македонската опера и балет и од Средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски - Луј“ така што основците имаа шанса да стекнат нови знаења и искуства од наши еминентни музички личности.

Во вториот дел, учениците ги презентираа истражувањата на различни теми меѓу кои „Kои карактеристики треба да ги има звукот за да може да скрши стакло”; „Како обликот на просторијата и материјалот од кој што се направени ѕидовите може да ја афектира акустиката”; “Како животните реагираат на различни звуци на музиката”; “Kако функционираат жиците на гитарата” итн.



- Се работи за традиционален саем на наука кој секоја година се одржува на различна тема, а овој пат фокусот е „Науката низ призма на музиката“. Учениците под менторство на професорите истражуваат и разработуваат проекти со што се стимулира нивната љубов кон науката. Проектите кои ги презентираат се на исклучително високо ниво и од година во година самиот саем сè повеќе расте и се развива – велат од училиштето „Нова“.

Освен учениците од шесто до осмо, и децата од пониските одделенија од основното училиште „Нова“ имаа саем за наука кој се одржа минатата среда. Младите научници од прво до петто одделение утрото ги претставија своите сознанија на различни теми додека во попладневните часови слушнаа предавање на гостите од Астрономското друштво кои потоа организираа набљудување на небесните тела со телескоп.

Саемот за наука секоја година се одржува под различно мото. Лани фокусот беше „Спортот и науката“ и гости беа ракометарите и тренерите од ракометниот клуб „Вардар“. Учениците на „Нова“ досега истражувале и на разновидни теми меѓу кои и „Во светот на иновациите и технологијата“, „Познати научници и нивните откритија“, „Да ја заштитиме животната средина“ и „Здравјето е најголемо богатство“.