Европските аеродроми со зајакнати безбедносни мерки, на македонските аеродроми засега сe е нормално

Европските аеродроми со зајакнати безбедносни мерки, на македонските аеродроми засега сe е нормално

Подготвил: Д.Ф

Според редот на летање објавен на интернет страницата на скопскиот аеродром, од Александар Велики денеска нема лет за Брисел, а првиот следен лет е во петок во 13:45 часот со авиокомпанијата „Визер“.



Засилени контроли на багажот и детални претреси на патниците, силно полициско обезбедување, бројни кучиња-трагачи за експлозив, пренасочени летови, се само дел од засилените мерки за безбедност на кои деновиве ќе бидат подложени сите што патуваат со авион низ Европа. Во моментов, вакви мерки не се предвидени за патниците кои ги користат двата македонски аеродроми, каде нема одложени или пренасочени летови до Европа.
Според редот на летање објавен на интернет страницата на скопскиот аеродром, од Александар Велики денеска нема лет за Брисел. Првиот следен лет е во петок во 13:45 часот со авиокомпанијата „Визер“ која не го користи главниот аеродром во Брисел каде што имаше терористички напад, туку авионите од Скопје слетуваат на помалиот аеродром Шарлерој.
Повеќето европски земји, меѓу кои Велика Британија, Германија, Холандија, Франција, воведуваат максимални мерки за безбедност по денешните терористички напади во Брисел, во кои загинаа над 35 лица, а повредени се дваесетина.

Како што јавуваат светските медиуми, посебни мерки се воведени на сите железнички станица, аеродроми, нуклеарни централи во Белгија, на пристаништето во Антверпен, а затворени се сите музеи во земјата. Европските и светските авиокомпании ги откажуваат летовите од и кон Брисел и ги пренасочуваат летовите кон најблиските аеродроми во околните земји.

И авиокомпаниите од регионот ги откажуваат летовите кон Брисел. Така, словенечката „Адриа ервејс“ и хрватската „Кроација ерлајнс“ утрово ги пренасочија авионите кои што од Љубљана и Загреб требаше да слетаат на главниот аеродром во белгиската престолнина. Авионот на „Адриа ервејс“ по информацијата за нападите, наместо во Брисел слета на аеродромот во Лиж, додека тој на „Кроација ерлајнс“ беше пренасочен кон Амстердам. Словенечката авиокомпанија опслужува летови од Тирана до Париз преку Брисел, но деновиве тој лет ќе се одвива директно кон Франција без авионот да застанува во Белгија.