Запознајте го Милан Петровски, младиот гостиварчанец кој работи со светски компании

Запознајте го Милан Петровски, младиот гостиварчанец кој работи со светски компании

Подготвил: Драгана Петрушевска

Милан Петровски од Гостивар е млад студент кој директно од својот дом работи со ИТ-професионалци од цел свет. Зад себе има работно искуство на Филипините, а неговата следна дестинација е Австралија. И покрај понудите за подолг престој во странство, тој одлучил да се врати дома и да работи од тука. Повеќе за него дознавме од интервјуто во продолжение.



Факултети.мк: Најпрво кажи ни нешто за тебе.

Милан: Во моментов сум на магистерски студии по софтверско инженерство а дипломските студии ги завршив во 2013 со насока информациско комуникациски технологии. По завршувањето на дипломските студии исто така полагав и го добив Microsoft Certified Professional Developer сертификатот и почнав со барање на работа. Бев на наколку интервјуа во Скопје а истовремено аплицирав и на проекти од странски компании. Осум програмери бевме одбрани за интервју во Nowinfinity (поранешна SMSF Strategies), која пред четири години беше стартап во Австралија. Успешно го поминав интервјуто и почнав да работам како софтверски инженер на ИТ продукти од различни сфери.

За кратко време компанијата стана многу успешна. Добивме неколку награди, две први места и бевме неколку пати прикажани на познати списанија во Австралија. Нешто што е повредно од наградите беа партнерствата со Xero и PwC кои се едни од најголемите компании во Австралија. Во друштво на такви компании, задачите и обврските растат, па моментално раководам тим во Манила.

Факултети.мк: Како стигна до таа позиција?

Милан: Не постoи друг начин освен напорна работа и носење добри одлуки. Веќе три години сум вработен и како што растеше компанијата, добивавме нови и поголеми проекти за кои беа потребни тимови за успешно да бидат завршени пред крајниот рок. На почетокот ми беше доделен еден помал проект заедно со уште еден програмер. Успешно го завршивме, и следно беше проект заедно со тим од Украина. Поминав неколку месеци во Љвив, Украина заедно со мојот тим, сето тоа беше едно огромно искуство за мене, како и добивање на знаење нешто повеќе од традиционалното програмирање.

Проектот беше успешен, јас се вратив во Македонија бидејки сакав новогодишните празници да ги поминам со најблиските. За следниот проект беше потребно да се работи во австралиска временска зона, па тим се формираше во Манила, Филипини каде што и сум моментално и после два месеци работа овде, повторно очекувам успех. И минатата година бев во Манила и исто така ова е едно големо искуство надвор од професионалното ниво, бидејќи ова е азиска држава, начинот на живот, храната, сфаќањата буквално се е различно од нашето секојдневие. Многу луѓе запознав, многу интересни животни приказни и сето тоа имаше позитивно влијание врз мене. Оттука после некоја недела следна дестинација ќе биде Австралија.


Факултети.мк: Кои ќе бидат твоите задачи таму?

Милан: Во Австралија планираме оформување на нов тим кој ке биде главно за подршка на клиентите. Сепак тимот треба да има детално познавање на нашите продукти, па моја главна задача ќе биде тренинг со цел овој тим да може понатаму самостојно да работи. Јас веќе и добив еден програмер од Австралија со кој контактираме секојдневно преку скајп. Ги сакам почетоците, бидејки секој почеток ти дава шанса да направиш нешто подобро од последниот обид.

Факултети.мк: Што би им порачал на младите во земјава?

Милан: На младите во земјава би им препорачал упорност, посветеност, храброст и одважност се заради надминување на просечноста. За се има начин, за секој проблем има излез но треба да се има потребното знаење. Целта треба да им биде достигнување на високо ниво на знаење преку студирањето, но и постојано да се следи што се случува надвор од студирањето, која гранка од нивната професија е потребна на пазарот, кои се нови трендови итн. Се разбира секој млад човек има свој животен пат, со свои специфични можности и желби и за секого патот до успехот е различен.