Две земји убедливо водат - Кој ги има најдобрите универзитети по област?

Две земји убедливо водат - Кој ги има најдобрите универзитети по област?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Вчера беа објавени резултатите од QS за најдобрите универзитети во светот по област. Рангирањето има рекордни 42 области оваа година. Годинава, додадени биле шест нови дејности на листата: антропологија, археологија, рударско инженерство, медицинска нега, изведувачки уметности и социјални прописи.


Рангирањето по области се спроведува и објавува од 2011 година, а со него се покажуваат најдобрите институции во поглед на индивидуалните академски дејности. На врвот годинава се наоѓаат американските универзитети, а убедливо водат Технолошкиот инситут во Масачусетс и „Харвард“, кои се први на листите во 12 категории.

Британски универзитети се на прво место во 8 категории, додека Холандија, Хонг Конг и Швајцарија имаат по едно прво место. Вкупно 16 универзитети имаат барем една водечка позиција. Додека Велика Британија и САД уживаат во преземањето на првите позиции со своите познати институции, годинава гледаме водечки земји како Холандија (рангирана прва за агрикултура и шумарство), Швајцарија (рангирана прва за почвени и морски науки) и Хонг Конг (рангирана прва за стоматологија).

Во најдобрите 10 доминираат универзитети од Велика Британија и САД. Особено добри места заземаат Универзитетот во Кембриџ, Универзитетот во Калифорнија, „Беркли“, Универзитетот во Оксфорд, „Стенфорд“, „Харвард“, Технолошкиот институт во Масачусетс, Лондонскиот факултет за економија и политика, Универзитетот во Лос Анџелес, „Принстон“, „Јејл“, Империскиот колеџ во Лондон и Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Кога станува збор за другите земји, добри места заземаат и Националниот универзитет во Сингапур, кој се појавува во најдобрите 10 во 13 категории, Електротехничкиот институт во Цирих, кој има 11 места во најдобрите 10, како и Универзитетот во Хонг Конг, со шест места во најдобрите 10.

Во најдобрите 10 повеќепати се најдоа и Универзитетот во Токио, Австралискиот национален универзитет, Институтот „Каролинска“, „Делфт“ и „Цингуа“.

Во сите ранг-листи се наоѓаат вкупно 945 универзитети од 49 земји. 36% од најдобрите 50 се институции од САД, 15% од Велика Британија и 15% од Европа без Велика Британија. Азиските универзитети се присутни во 16% од најдобрите 50, додека австралиските во 9%, а канадските во 6%.

Целосните резултати пронајдете ги ОВДЕ.