Бараат зголемување на данокот за државата

Бараат зголемување на данокот за државата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Повеќе од 40 милијардери побарале од сојузната држава Њујорк да им го зголеми данокот кој го нарекуваат „1% - план за даночна праведност“.


Тврдејќи дека се „длабоко загрижени бидејќи премногу њујорчани се на економската граница, а на државната инфраструктура очајно ѝ е потребна помош“, милионерите ги повикале гувернерот и Министерството да прифатат „1% - план за даночна праведност“.

Планот бил составен од мрежа од стотина најбогати американски семејства со име „Responsible wealth project“, а поддржуваат „праведни даноци и одговорност на корпорациите“. Меѓу потписите се наоѓа и оној на Стивен Рокфелер.

- Срамно е рекордната стапка на сиромашни деца во некои градски центри да е поголема од 50%. Во Њујорк има рекорден број луѓе без кров над главата - над 80.000 луѓе од делови од државата се борат за преживување. Вложувањето во инфраструктурата ќе резултира во отворање работни места. Така ќе се намали екстремната нееднаквост во нашата држава. Ние, кои сме меѓу 1% од луѓето кои заработуваме најмногу, имаме и најголема одговорност да придонесуваме на јавниот сектор, со поголем данок од останатите, - стои во барањето.

Според сегашниот закон, луѓето кои заработуваат повеќе од 2 милиони долари годишно плаќаат данок од 8,82%.

Според планот, тој процент би се применувал на оние кои заработуваат 1-2 милиони долари годишно, а потоа би се зголемувал - оние кои заработуваат 2-10 милиони би плаќале данок од 9,35%, оние со приходи од 10-100 милиони - 9,85%, а оние кои ќе заработуваат повеќе би плаќале 9,99%.