Интервју со Арто Ваахтокари - наставник од Финска: Користам само учебник по  математика, не давам премногу домашни задачи

Интервју со Арто Ваахтокари - наставник од Финска: Користам само учебник по математика, не давам премногу домашни задачи

Подготвил: Ф.М.



Минимум домашни задачи за учениците, нема учебници освен по математика, најстроги правила при упис на наставничките факултети, автономија при начинот на предавање и организирање на наставата...Ова се само дел од „тајните“ на еден од најуспешните образовни системи во светот -Финскиот, кој во интервју за Факултети.мк ни ги откри наставникот Арто Ваахтокари. Toј предава во "Viikin normaalikoulu", што е едно од училиштата на Универзитетот од Хелсинки. Во него се одржува настава и за основно и за средно образование. За разлика од повеќето други училишта во Хелсинки, не е во сопственост на градот, туку е дел од Универзитетот во Хелсинки, па практично е во сопственост на државата. Се смета за едно од најпрестижните во земјата и е едно од трите во кои е најтешко за упис, после училиштата Ressun Lukio и SYK.

Наставникот Арто Ваахтокари наставничката кариера ја започнал во раните 80-ти. Сега е класен раководител на паралелка петтооделенци и наставник по Мајчин јазик и литература на деветтооделенци. Вкупно има 24 ученици во неговите паралелки. Вели дека главен фактор кој придонел за да ја работи оваа професија е тоа што имал многу добри и инспиративни наставници додека самиот бил ученик.

Факултети.мк: Во Финска многу популарна професија е токму наставничката. Кандидатите секоја година се многу побројни од вкупниот број на места за студирање на наставничките факултети. Како всушност се станува наставник во Финска?

- Секако дека секој мора прво да се едуцира 12 години во основно и средно образование. После тоа се аплицира на некоја од програмите за едукација на наставници. Во многу случаи, прво има писмен тест, па потоа дополнително се прават и интервјуа со кандидатите. Генерално, на факултет се запишуваат само една третина од оние кои биле повикани на интервју.

Факултети.мк: Што е она што го прави образовниот систем во Финска успешен и уникатен?

- Сметам дека тоа се високите стандарди кога е во прашање едукацијата на наставниците и дека во најголема мера тоа го стекнуваат на факултетите, а не во средните училишта. Сите наставници имаат Мастер дипломи со цел да станат квалификувани наставници. Друг значаен фактор е што основното и средното образование во најголема мера е водено од оштеството. Ова значи дека учениците имаат еднаков пристап до образованието, без оглед каде живеат и какво е нивното социјално потекло.



Факултети.мк: Финските ученици имаат многу големи успеси на сите меѓународни тестирања. Како го постигаат ова?

- Тука ќе се повикам на мојот претходен одговор каде ги споменувам високите стандарди кои ги имаме при едукацијата на наставниците. Ова создава наставници со добри вештини за предавање.

Факултети.мк: Имате ли автономија кога се во прашање методите кои ги избирате за настава, или мора строго да се придржувате до националните курикулуми и програми?

- Кога станува збор за содржината, мора да ја следам образовната програма на моето училиште која пак се базира и е во рамки на националниот курикулум. За сè друго имам голема автономија, од изборот на методи на учење или материјали од кои ќе учиме. Лично, не користам многу учебници. Всушност единствен учебник што го користам за моите ученици е оној по математика. За сите други предмети комбинирам различни материјали за учење од повеќе извори. Се обидувам да ги запознаам учениците со интерсни теми кои ги вметнувам во наставата.Тоа се теми кои се актуелни и кои се важни во денешното општество. На пример, неодамна разговараме за проблемот на Европа со бегалската криза и социјалните медиуми. Ваквите теми се разбира сè уште не направиле пат до учебник, но се важни за учениците. Содржините кои се изучуваат во училиштето треба да се одрзуваат кон општеството и на тој начин училиштата треба да се отвраат.

Факултети.мк: Во Европските земји, постојат многу дебати околу домашните задачи. Дали треба да има повеќе или помалку домашни за учениците. Како во Финска се третира ова прашање?

- Како и за многу други прашања, наставниците и за ова имаат голема автономија. Во мојот начин на предавање не ги потресувам учениците со многу домашни задачи. Секако дека имаат свое место, но само колку да им покажам на учениците дека имаат некаква обврска и како да научат да се грижат за обврските. Затоа им давам само ограничен број на домашни. Верувам во тоа дека нема премногу учење кога се пишува домашна задача. Исто така сечиј дом не е ист, и можноста за поддршка на секој ученик при пишување на домашните не е иста, варира. Многупати домашната задача се претвора во социјална неправда.



Факултети.мк: Како државата или училиштата ја евалуираат работата на наставниците, има ли некакви интерни или екстерни проверки?

- Нема добро воспоставена пракса за евалуација на работата на наставниците. Постојат некои тестови за учениците , но секако тие не ја мерат работата на наставниците директно. Ако некој сака да ја оцени работата на наставник, мора да ги земе во предвид локалните околности, способностите на учениците, нивното социјално потекло, итн. Мислам дека ќе биде многу тешка задача ако некој се одлучи да ги оценува наставниците генерално. Секако дека директорите на училиштата се и менаџери. Како тие ја вреднуваат работата на наставниците се разликува во секое училиште.

Факултети.мк: Што најмногу Ве загрижува во моментов кај вашиот образовен систем?

- Ме загрижува тоа што во сегашната политичка атмосфера во Финска на образованието сè повеќе се гледа како на трошок, и покрај тоа што тоа е долгорочна инвестиција. Дигитализацијата е исто така голем предизвик за училиштата во Финска. Како да се внесе различна дигитална средина во наставата? Која е нивната улога? Каде да се добие финансирање за сета таа опрема?