Откритие кое би можело да ја смени историјата на Америка

Откритие кое би можело да ја смени историјата на Америка

Подготвил: Драгана Петрушевска

Илјада години откако Викинзите го поминале леденото море од Гренланд до „Новиот свет“ во потрага по дрво и метали, сателитската технологија открива нешто што досега се сметало за „свет грал“ на археологијата - второто викиншко населување во Северна Америка.


Во новото наоѓалиште во Канада биле извлечени железни руди изминатото лето со помош на инфрацрвените слики направени по сателитски пат. Местото се наоѓа на југозападниот брег на Њуфаундленд, околу 480 километри јужно од Ланси Медоуз, првото и единствено потврдено викиншко населување во Северна Америка, кое било откриено во 1960 година.

Оттогаш, археолозите барале други докази дека Викинзите или други Нордијци стигнале во Америка 500 години пред Колумбо, но безуспешно. Меѓутоа, изминатата година, археологот Сара Паркак одлучила подобро да го истражи брегот од Гренланд до Масачусетс.

Таа открила над стотина потенцијални наоѓалишта, а со помош на фотографиите направени од сателитите, дошла до една локација која на сликите изгледала како „темна дамка“. Магнетометрите утврдиле дека на ова место има многу железо, а со ископувањето биле пронајдени делови од ѕид во викиншки стил, како и остатоци од пепел и делови печена руда - знаци на раната металургија, каква што не може да се поврзе со староседелците од овој регион.

Експертите планираат да продолжат со ископувањето во текот на летото.