Ира Стефанов Бабиќ, директор на Brand Union: Интернет-комуникацијата е

Ира Стефанов Бабиќ, директор на Brand Union: Интернет-комуникацијата е "must" во денешната комуникација

Подготвил: Драгана Петрушевска

Ира Стефанов Бабиќ е ко-сопственик и директор на „Brand union“, една од најуспешните маркетинг агенции во Македонија. Ира беше гостин на 15-то Бизнис кафе, кое се одржа на 31 март.


Од Ира дознавме дека идејата за отворање на агенцијата дошла природно. Таа е во маркетинг секторот од 2001 година, а во 2008 за првпат ја работела првата фејсбук-страна за компанија, кога не постоеле ни фан-страници. Сите трендови тогаш покажувале дека маркетингот се движи кон таа насока. Оттогаш почнала сериозно да размислува на темата. Во 2012 се случила спојка на повеќе луѓе заинтересирани во дигиталниот маркетинг и ја основале „Brand union“, открива таа.

Она што било клучно за брзиот раст од 2012 досега бил пристапот кој тимот го имал во работата.

- Навистина со голема љубов доаѓаме на работа и со голема љубов го работиме сето тоа што го правиме на дневна основа затоа што нашата работа не завршува во 5 иако работното време ни е тоа, меѓутоа работиме 24/7 затоа што онлајн-комуникацијата е нешто што постојано се случува.

Тој искрен пристап и искрено позиционирање кон клиентите го дава квалитетот, но и нивното постојано следење на трендовите е она што им нуди на клиентите да им го понудат најдоброто, додава Ира.

Оваа агенција го работи истото што го работат и традиционалните маркетинг агенции, но тие се фокусираат на интернет-медиумите наместо на радиото или телевизијата. Она што го прави дигиталниот маркетинг различен од традиционалниот е „фидбекот“ кој се добива, според Ира.


Дознавме дека на почетокот било предизвик да се објасни што нуди агенцијата бидејќи тогаш сè уште се мислело дека Фејсбукот е нешто минливо и за помладите, а не и начин за рекламирање. Оттогаш досега се променило многу, сега и веќе нема компанија која нема фан-страница на Фејсбук. Ира додава дека оваа работа бара развивање на комуникација и содржина којашто ќе биде релевантна за таа публика која што чита и којашто ќе креира емотивно поврзување со брендот.

Дигиталниот маркетинг можеби е потежок, со оглед на тоа што агенциите и клиентите се подложни на секакви коментари од публиката, но според Ира, „веќе не станува збор дали е потешко или не, туку едноставно интернет-комуникацијата е must во денешната комуникација“.

На прашањето колку сме блиску или далеку од светските трендови, Ира одговара дека сме далеку како и во сè друго. Меѓутоа, Ира смета дека ова има позитивна страна бидејќи имаме од кого да учиме и да следиме и само да ги прифаќаме работиме и да ги адаптираме и применуваме. Најголемата разлика е во тоа што големите компании работат со бази на податоци и анализа на истите, а потоа и со нивна примена во маркетингот. Тие ги насочуваат рекламите поспецифично, што не е присутно кај нас, сè уште.


Во напорните работни денови, Ира е мотивирана од доброто и позитивното и е водена од својот оптимизам и среќната ѕвезда.

- „What goes around comes around“. Верувам во карма, верувам во тоа дека треба да бидам човек, пред се, на никого лошо да не направам, барем не намерно и не свесно. Верувам дека ако се прават добри работи ќе се враќаат и добри работи понатаму.