Интервју со Теона Ристова, ученичка во

Интервју со Теона Ристова, ученичка во "Нова": Примена е на 10 светски универзитети и не само заради петките

Подготвил: Ф.М



Примена е на 10 престижни универзитети, добитничка е на „златен печат" потпишан од Претседателот на УСА Барак Обама и Секретарот за образование на УСА, волонтерка е во Црвен крст, успешна е во пливањето, тренер е по водени спортови, а обучена и за тренер по пливање на деца со посебни потреби... Ова е Теона Ристова, ученичка во 4 година во Меѓународното училиште НОВА, со која разговаравме за нејзините идни планови, интереси и соништа. Таа ни раскажа дека првите две години од средното образование ги поминала во гимназијата „Орце Николов“, а при крајот на втората година аплицирала за стипендија во меѓународното училиште „НОВА“ бидејќи сметала дека би и помогнало, подоцна да се запише на универзитет во странство. Оваа нејзина одлука се покажала како вистинска.

- Добив половична стипендија и со тоа одлучив дека ќе го продолжам моето школување во „НОВА“. Тука се одлучив да ја земам интернационалната матура IB (International Baccalaureate), каде што се изучуваат шест предмети во текот на трета и четврта година, а на крајот на четвртата година, односно за еден месец од сега, во мај, се полагаат финални испити по секој од предметите - вели Теона

Факултети мк: Примена си на 10 престижни универзитети, кои се и меѓу стоте рангирани според Шангајската листа. За кој се одлучи и што беше пресудно за одлуката?

Од десетте престижни факултети каде што бев примена, после многу размислување, се одлучив за факултетот NYU( New York University) чиј кампус е лоциран во Абу Даби. Мојот избор се должи најпрво на посетата на факултет која беше организирана од страна на факултетот кој ги покри сите трошоци за истата.



Посетата беше со цел потенцијалните студенти да го разгледаат кампусот и да го оценат од прва рака, но и за одредени претставници на факултетот да спроведат интервјуа и да решат кои од стеснатиот избор на потенцијални студенти повикани на таа посета би сакале да примат. Во текот на тие неколку денови имав шанса да се запознаам со голем број на квалитетни професори кои предваат таму, како и да ги разгледам сите активности и можности кои што ги нуди NYU. Покрај тоа, запознавањето со студенти од факултетот како и некои од моите идни соученици кои беа по потекло од преку 50 држави беше едно неверојатно искуство. Втората причина која исто така беше и пресудна за мојот конечен избор е целосната стипендија која што ми ја додели факултетот за четиригодишно школување.

Факултети мк: Ќе студираш компјутерски науки, што значи дека си ја избрала една од најперспективните научни дејности. Што конкретно најмногу те привлекува кога станува збор за компјутерските науки?

Од особен интерест од областа на компјутерски науки ми претставува програмирањето во Ц++, кое што го имав како предмет во првите две години од моето средно образование. Бидејќи интернационалната матура во „НОВА“ не го нудеше овој предмет, а за да продолжам со изучување на програмскиот јазик се запишав на курс по програмирање во „Семос“. Конретно што би изучувала на факултет во областа на компјутерски науки сè уште не знам, но би продолжила со програмирање коешто досега и многу ме привлекувало, па понатаму ќе одлучам за каква цел конретно ќе го користам и што конретно би специјализирала.

Компјутерските науки нудат изобилство на можности во иднината и би сакала поради тоа да се насочам во таа насока.

Факултети.мк: Покрај петките и успесите на меѓународни тестирања, какви квалитети треба да имаат идните студенти за упис или добивање на стипендија за престижен универзитет?

Покрај академскиот успех на еден ученик многу е важно да се зема учество во разни активности надвор од оние училишните. На активностите не треба да се гледа како вид на тешкотија, туку треба да се пронајде нешто, што е од голем интерес на ученикот. Некои од моите актвиности се учество на лидерски кампови каде што учениците учат како да бидат лидери во едно општество, курс за фотографија, пливање, курс за програмирање и многу други. Тука би сакала да дополнам дека факултетите бараат личности кои не се пасивни, туку се желни за пробување на нови актвиности и со тоа нови предизвици. Особено ценат доколку ученикот земал учество во различен тип на активности.


Факултети,мк: Кои училишни предмети се твоја најголема пасија?

Покрај предметот информатика за кој говорев погоре, голема пасија ми престатвува математиката. Уште од основно образование имам голем интерес за овој предмет, па тој продолжи сè до ден денес. Тоа беше и причината да бидам една од малкуте ученици кои ја изучуваат математиката на високо ниво во нашето училиште.

Факултети мк: Покрај учењето, се бавиш и со пливање, но си и тренер за водени спортови. Какви успеси имаш на ова поле?

Со пливање се бавам уште од 12 години и од тогаш, па до сега сум учествувала на голем број на натпревари како национални така и интернационални. Имам освоени голем број на први, втори и трети места, а неодамна почнав и со пливање маратони. Пливањето ми помогна за развивање на мојот натпреварувачки дух, но и незаменливо е за правилен развој на телото како и за негова релаксација. За среќа NYU нуди одлични услови за пливање, па така ќе можам да продолжам со овој спорт и во текот на моите студии. Тренер по водени спортови во клубот „Полар“ за прв пат бев минатата година каде мојот досегашен тренер по сноуборд ме повика да бидам негов асистент преку летото. Искуството беше неверојатно и би кажала различно. Имав за задача за прв пат да се грижам за голем број на деца на возраст од околу 12-13 години и да им помогнам тие успешно да ги совладаат водените спортови, односно вејкборд и скијање на вода.






Факултети.мк: Успешна си кога е во прашање учењето, волонтирањето, спортот...Која е твојата тајна и што би им порачала на твоите врсници?

Мислам дека успехот се должи на однапред утврдена цел и добра организација на времето и активностите. Уште од втората година од моето средно образование имав за цел да направам промена и да си овозможам шанса за прием во престижен факултет. Таа промена беше продолжување на моето образование во „НОВА“ и спроведување на меѓународната матура. Што се однесува до активностите, тие се случија спонтано. Како што ќе ми се јавеше желба за пробување на нешто ново или пак нешто за кое имам огромен интерес да го правам , така и станував дел од најразлични активности кои резултираа во моето досегашно оформување како личност. На моите врсници би им препорачала секогаш да си поставуваат цел за која ќе се борат, како и да излезат од својата конфорна зона и да се соочат со нови предизвици преку најразлични активности бидејќи тоа е еден од патиштата до успехот.