Реакција на Народниот правобранител: Поместените датуми за матурата повреда на правата на учениците

Реакција на Народниот правобранител: Поместените датуми за матурата повреда на правата на учениците



Народниот правобранител смета дека промената на рокот за полагање на државната матура од 4 јуни на 28 мај, во услови кога редовната настава за матурантите завршува на 20 мај, претставува груба повреда на правата на учениците, на кои исклучително им се скратува времето за подготовка за полагање на овој испит.

- Уште еднаш се потврдува дека воопшто не се води сметка дали промената негативно ќе влијае на натамошното образование на ученикот, ако се има предвид дека оценките од државната матура битно влијаат на успехот на ученикот, а со тоа и добивањето на бодови за запишување на високо образовните институции , стои во соопштението на Народниот правобранител.

Народниот правобранител го повикува министерот за образование и наука веднаш да ја повлече оваа одлука, затоа што не е во согласност со Законот за средното образование, ниту со подзаконските акти кои поблиску ја уредуваат оваа материја, а е спротивна и со Конвенцијата за правата на детето според која секогаш на прво место е најдобриот интерес на детето. Народниот правобранител смета дека одржувањето на предвремените парламентарни избори не треба да влијае на образованието на учениците, ниту да биде причина за промена на роковите за полагање на државната матура.

- Во случајот загрижува и тоа што учениците повторно ниту се прашани, ниту е побарано нивното мислење, иако станува збор за активност која директно се рефлектира на нив самите и нивното натамошно образование. Оттука, не само што со оваа одлука се повредува принципот на најдобриот интерес на детето, туку не се почитува ниту принципот на учество на децата, односно сослушување на нивното мислење на што обврзува Конвенцијата за правата на детето- пишува во соопштението.