Матеа Коцевска, матурантка од

Матеа Коцевска, матурантка од "Јосип Броз-Тито": Од скопско државно училиште, а доби стипендија на светски универзитет

Подготвил: В.Ф.



Матеа Коцевска има 18 години и наскоро ќе матурира во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“. Бидејќи беше дел од регуларната програма на училиштето и сите четири години наставата ја следеше на македонски јазик, таа аплицираше со национална државна матура на престижниот универзитет. На помладите соученици им прачува: колку човек подобро се познава себе си, толку тој е посамоуверен. Таа самоувереност, со доза на позитивен сомнеж даваат совршена мера на амбиција со која се постигнуваат сите цели

Неодамна доби целосна стипендија на New York University, чиј кампус се наоѓа во Абу Даби. Како воопшто реши да конкурираш на овој Универзитет?

- Одлуката е лесна кога се познаваш себе си и знаеш што сакаш. Не бев водена од помислата „да се побегне од тука“. Напротив, концептот на студирање далеку од дома за мене се уште звучи застрашувачки. Но, овој престижен универзитет со диверзитетен и интелектуален студентски состав, одбран според највисоки светски критериуми, ме предизвика да помислам во каква личност би се оформила јас доколку сум дел од него. Во самата, за нас непозната и далечна култура на Блискиот Исток, индивидуалната културна позадина на секој студент и професор и специфичната програмата на студии која е креирана за создавање способност за поопшто знаење и согледување на проблематиките од различни научни аспекти, видов можност за многу повеќе од само академско себеунапредување. Абу Даби е крстопат на светот од секој аспект, тоа е градот на иднината.

Општоприфатен е ставот дека овие стипендии најчесто ги добиваат ученици од приватни училишта, кои четири години се подготвуваат за „она што следува“. Објасни ни ја твојата ситуација. Доаѓаш од државно училиште и тоа не од меѓународните паралелки.

- Јас сум четири години сум дел од регуларната програма на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Според политиката на NYU AD, националната државна матура е акредитирана па тоа ми даде еднаква можност да аплицирам како и учениците од меѓународни програми. Иако се согласувам дека тие ученици се често поподготвени и поддржани за ваков чекор, доволна е храброст и верба во себе за да се скрши тој стереотип.

Европските универзитети имаат посурова политика

Како ја пополнуваше апликацијата за Универзитетот? Имаше ли помош од професорите, од родителите?

- Апликацијата се пополнува онлајн и содржи неколку различни делови, меѓу кои постои дел за евалуација и препораки кои ги поднесуваат професорите. Целиот процес за моите професори беше нов и бараше познавање на англискиот јазик на академско ниво, па тоа направи мала ограниченост во врска со изборот на професори на кои би им се обратила. Што се однесува до моите родители, ова беше мојот миг за транзиција од дете кон возрасна индивидуа. Иако голем фактор во секоја моја одлука е нивното мислење, пред разговорот со нив веќе имав цврсто оформен став. Им соопштив дека ќе аплицирам, им ги објаснив околностите и „вистинскиот“ разговор го оставивме за денот кога ќе ја дознаам одлуката дали сум примена. Сепак, кога дојде тој ден, одлуката ја донесов во моментот кога татко ми најпосле ми кажа: „Сметам дека ова ти е шанса што не треба да ја пропуштиш“.

Зошто се реши за Универзитет од САД, а не од Европа? Што беше пресудно?

- Најголемиот дел од европските универзитети не нудат стипендии или тие не се доволно високи за да ги покријат сите предвидени трошоци. NYU AD ми понуди стипендија доволно висока за да немам финансиски грижи додека студирам. Тоа е многу битен фактор бидејќи ќе ми овозможи сиот мој фокус и енергија да ги насочам на школувањето. Политиката и програмата на универзитетот прави максимално да се искористи потенцијалот на студентот. Сметам дека европските универзитети имаат посурова политика. Вреден си за нив доколку по завршувањето во нивната институација успееш да заработуваш доволно за да ги исплатиш долговите кон нив. Јас се најдов во средина каде почуствував верба во моите способности, грижа за моите интереси и потреби и став дека преку таква поддршка јас ќе се разлизирам себе си во личност која ќе ја оправда нивната инвестиција.

Веќе подолго време членуваш во „Младински образовен форум“. На кој начин ова искуство ти помогна да ја добеш стипендијата?

- Дел сум од дебатната програма на МОФ веќе четири години како дебатер и една година како дебатен тренер. Покрај тоа што ваквата активност, учеството на национални и интернационални натпревари го гради „добитното“ CV, сметам дека дебатата има огромен импакт врз формирање на личноста. Ми овозможи да научам да размислувам критички, да согледувам еден проблем од спротиставени аспекти и дури тогаш да изградам свој став. Ми помогна да ја зголемам самодовербата, да научам да давам структуиран и аргументирам говор и да ја совладам тремата од јавно говорење. Преку дебата прифатив одредени демократски и либерални вредности и оформив голема толеранција кон различни ставови, сите овие карактеристики ме направија достоен кандидат за NYU.



На кои други полиња беше активна во изминатите четири години? Што им препорачуваш на твоите помлади соучесници да направат, за да бидат исто така успешни?

- Две години учествував и на активноста „Модел на Европски Парламент“ каде се водеа дискусии и се пишуваа резолуции за тековни проблеми со кои се соочува Европската Унија. Истражувањето и подготовката за овој настан ми отворија интерес кон европската и светската политика. При симулацијата во октомври 2015, бев прворангирана во Комитетот за надворешни работи и избрана меѓу петте најдобри делегати да ја престават Македонија на интернационалната сесија во Берлин. Летото учествував на две младински размени во рамките на програмата Erasmus + со учесници од цела Европа. Тоа беше моето прво искуство во толку интернационално опкружување. Преку тие размени ја почуствував бенефицијата на диверзитетот, секоја индивидуа беше шанса да научам нешто ново. За мене шаблонот на успешност е преку учење за себенадградување и едукација, а не за оценки. Тркање по вредности и искуства, а не само полнење на CV. Иако сме тинејџерки, многу често со моите другарки наместо за скопските трачеви сме зборувале за светски проблематики, за модерните цивилизации или пак за значењето на религијата. Сето тоа ми овозможило да се запознаам себе си и моите погледи кон светот. На помладите соученици би им го кажала следново: колку човек подобро се познава себе си, толку тој е посамоуверен. Таа самоувереност, со доза на позитивен сомнеж даваат совршена мера на амбиција со која се постигнуваат сите цели.

Најважно е да си искрен

Колку апликации годишно стигнуваат на NYU и каква е понатамошната селекција? Што беше пресудно од патувањето во Абу Даби за да ја добиеш целосната стипендија?

- До NYU годинава пристигнаа 63.702 апликации од целиот свет. Од статистиките за ланските уписи дознаваме дека капмусот во Абу Даби примил само околу 300 студенти. Процесот на селекција се одвива во две фази. Студентите кои влегуваат во вториот круг се повикани на викенд во Абу Даби. Тие два дена се составени од две официјални интервјуа, предавање и дискусија на област од наш интерес за понатамошно изучување, но всушност бевме постојано набљудувани. Најголем тест се правеше токму на нашиот карактер, начинот на кој комуницираме во голема група и нашата способност и начин на истакнување. Сметам дека за мене беше пресудна мојата искреност пред се. Многумина од кандидатие сакајќи да се престават во најдобро светло, се обидуваа да одглумат повисоко ниво на интелектуалност, интерес и дружељубивост. Стручните психолози лесно можеа да прочитаат низ нас. Најголем и најпозитивен впечаток остава природното однесување. На тој начин дадов шанса на универзитетот да направи реална оценка за мене и истовремено самата вистински да ја проценам средината и колку таа би била позитивно опкружување во кое ќе можам успешно да се интегрирам и да функционирам.



Каков е студентскиот кампус во Абу Даби и какви услови нуди за студентите?

- Кампусот има извонредни услови почнувајќи од прекрасниот студентски дом, до опременоста на лабораториите, богата библиотека, огромни спортски терени, професори со претходно работно искуство на најпознатите светски универзитети, театар, работилници, врвна технологија, буквално се што на еден студент би му било потреба и интерес.

На што планираш да се посветиш за време на студиите? Кои се сферите на твојот интерес и што планираш потоа? Да се вратиш во Македонија или својата иднина ја гледаш во некоја друга земја?

- Сакам максимално да се посветам на моето школување и да ги искористам сите можности што ги нуди факултетот. Да го осознаам светот како преку дружење со студентите, така и преку искористување на програмата за патување и изучување на семестри во некоја друга локација од мрежата на NYU. Се уште не сум одлучила што точно ќе студирам. Токму затоа овој факултет е вистинскиот за мене. Флексибилен е во поглед на составување индивудуален распоред на часови. Тоа ми дава шанса да ги истражувам моите сфери на интерес, кои во моментот се сконцентрирани околу хемија и биологија. За сега, по студиите би сакала да се вратам во Македонија, но дека идните четири години носат многу промени. Тоа ме оневозможува уште сега да имам јасна слика за подалечната иднина.