Матуранти не трошете цело богатство за матурскиот изглед, не се маскирајте и бидете свои

Матуранти не трошете цело богатство за матурскиот изглед, не се маскирајте и бидете свои

Подготвил: М.Ф

Матурската прослава е еден од најзначајните моменти во животот на младите и секако дека секој сака да блесне во најубаво издание таа вечер. Многу енергија, покрај на учење, матурантите трошат токму и на изборот на гардеробата, шминката, фризурата. Затоа замоливме дел од нашите познати модни новинари и модни креатори да ни кажат што е во тренд оваа година и како треба да изгледате на матурската прослава. Сите се согласни дека не треба да потрошите цело богатство за таа цел и дека секогаш треба да останете верни на својот стил.Модната новинарка и ко-основачка на stylist.mk, Ана Несторовска вели дека оваа вечер што симболично го означува завршетокот детството и почеток на доцна адолесценција, созревањето и влегувањето во т.н. свет на возрасните за многумина е еден од најзачајните моменти во животот. Но, тоа не значи дека треба да фрлите стотици и илјадници евра за вашиот матурски изглед. 




- Согласно на буџетот на вашите родители, изберете облека, чевли, модни додатоци, шминка и фризура што, пред сè, ќе бидат во рамки на вашиот имиџ. Не се преправајте или маскирајте. За оваа вечер не правете драстични трансформации со кои нема да ве препознаат најблиските и соучениците. Матурската облека треба да биде по мерка не само на вашето тело, туку и да одговара на вашиот карактер и возраст. Затоа избегнете ги премногу детските варијанти, но и премногу сериозните модели, костуми, или балски фустани. Како што матурата е своевиден премин и баланс меѓу два значајни периода од животот, така треба да биде избалансиран и изгледот. Со оглед на тоа што станува збор за свечена вечер, не заборавајте дека треба да внесете доза на елеганција и гламур во изгледот. Но, немојте да се претворите во турбо-фолк ѕвезда. Напротив, извлечете го најдоброто од себе, истакнете ја вашата нежна, роматична, елегантна и женствена страна. Бидете принцеза, но не буквално, во фустан за на бал, туку модерна девојка со крој што му одговара на вашето тело и карактер -вели Несторовска.

Таа додава дека треба да изберете некое трендовско парче, но не да го аплицирате слепо.

-  На пример, од актуелните парчиња од оваа сезона можете да носите модел инспириран од 90-тите, како металик-трендот, бомбер јакна со вез, а може интересно да изгледате и со здолниште-панталони, долги широки панталони и комбинезони. Ако преферирате поженствен изглед, сезонава повторно се носат миди здолништата и фустаните во стилот на 50-тите, со принт, плисе и тантела. За на матурската вечер не се соодветни сега доста актуелните сечени фармерки, спортските парчиња облека, како патики за трчање или фитнес облека (хеланки, тренерка, блузон  и спортска маица). Избегнувајте чевли со шпиц, топуци, чизми или модели за на плажа. Фризурата нека биде со природни тонови, може права пуштена или со меки кадрици. Ако сакате да го освежите изгледот тоа нека биде со осветлени врвови, прамени, минимално потстрижување, а ако сакате собрана фрузура, избегнувајте ги т.н. теткински или сарма пунџи. Може да направите венец со плетенки, да вметнете бохо венче или шнола, а следејќи го трендот на црвениот килим на оскарите, може да направите и некоја пософистицирана варијатна на собрана коса во опавче.  Црпете инспирација од славните личности, но немојте да бидете нивни копии - објаснува Несторовска.

Таа има совет и за момчињата кои многу често за првпат облекуваат палто и чевли токму за матурата.

- Неискуството во купување поелегентни модели некогаш се гледа во изборот на несоодветен крој. Младоста нека ви биде предност, и ако веќе сте се одлучиле за палто, нека биде во некоја посвежа боја, со принт и со крој фит на вашето тело. Изберете разиграна пеперутка-машна или кравата. Доколку коплетниот стајлинг е во некој посмирен тој, внесете младост со изборот чевли и патики во повпечатливи бои. Доколку не се чувствувате удобно во чевли, не се форсирајте. Веќе добро е изгазен патот на комбинацијата - палто и панталони со патики. Секако, тие треба да бидат соодветни за пригодата, да не бидат за трчање или играње фудбал. Не се ограничувајте во изборот на бојата, тоа може да е некоја впечатлива неонска нијанса-што сега е во тренд.  Кошулата најважно е да ја следи линијата на вашето тело, може да биде еднобојна, но има и широк избор на модели со различни принтови, амблеми од суперхерои, цветови, геометриски фигури, пруги - завршува Несторовска.

Модната дизајнерка Ирина Тошева која прави многу креации токму за млади, па често и матурантите се нејзина клиентела вели дека тие често забораваат на возраста и практичноста, па затоа советува:

- Матурската прослава е вечер кога треба да се забавуваат, а не да мислат дали ќе можат да играат од долгиот фустан, дали ќе им се откачи градникот или ќе свиткаат нога од вртоглаво високите потпетици што не ги носеле никогаш пред тоа. Поистоветувањето на забавата со холивудскиот црвен килим е голем апсурд. Ме радува што сè повеќе ме посетуваат девојки кои сакаат да ја задржат автентичноста, младоста и да добијат парче кое и потоа би можеле да го носат. Мило ми е што на ваков начин се препознава мојот дизајн што се темели на носливост и практичност. Голем дел од нив ги слушаат моите совети и ми даваат широко отворени раце. Секако дека изгледот е важен, но матурата се памети пред сè по забавата - вели Тошева.



Модниот новинар во „Теа модерна“ и моден дизајнер Небојша Толевски вели дека годините на матурантите се убави, а не облеката која ќе ја носат. И тој апелира да не се трошат многу пари за изгледот.

- Облеката прави да изгледате уште поубаво ако вистински знаете што ви стои и ви прилега. Матурската вечер е убав чин, но може да ја направите катастрофална грешка ако се облечете како кафеанска пејачка. Треба да одберете облека која соодетствува со вас самите, стилот кој го практикувате и начинот на кој ја носите. Нема правило дека треба да се носат долги фустани. Но, ако веќе се одлучите за таков, тогаш внимателно со кројот. На тенки девојки стојат тесни фусстани со сирена крој кој моментално е актуелен, а на полни девојки стојат фустани кои имаат А- крој и ремен во средината за визуелно истенчување на половината. Сега се во мода апликации од усни, ноти, срциња, птици, ѕвезди, па убаво би било да ги разиграте ваквите фустани со овие детал. Кратките фустани се секогаш добар избор, но не такви кои изгледааат вулгарно.




Вашите гради треба да ги „скротите“ во суптилно деколте, а не да се раководите од голотијата која ја презентираат светските ѕвезди. Клучот е во умереноста. И во свесноста. Не правете пародија од себе, направете еуфорија од себе. Момчињата треба да знаат дека матурската вечер не е место каде можат да носат спортска облека. Патиките се за на спортски терен, чевлите кои имаат поло заоблен врв се одлично решение. Ако веќе сакате да бидете облечени во костум, тогаш играјте со бојата на кошулата и вратоврската во вид на пеперутка. Најдобро би било ако облечете горен дел од костум и го комбинирате со откачени панталони кои имаат суптилни шари. Сепак, се останува на вашата имагинација и чувството за мода. Не претерувајте со премногу експериментирања. И запомнете дека ќе бидете најзапазени и најубаво облечени ако вие ја носите облеката, а не таа вас - вели Толевски.