Секој десетти граѓанин сака да работи во банка. Кои се најпопуларните банки за работа во Македонија?

Секој десетти граѓанин сака да работи во банка. Кои се најпопуларните банки за работа во Македонија?

Според податоците од анкетата на Факултети.мк во која учествуваа 966 испитаници, најголем дел од тие што сакаат да бидат банкари сонуваат да работат во НЛБ Тутунска банка.



Секој десетти работоспособен граѓанин во земјава сонува да работи во банка, покажа анкетата „Каде најмногу сакаат да работат Македонците“ што неодамна ја спроведе Факултети.мк. Добрите плати, бонусите, приликите за напредување на различни позиции, како и можноста за практикантска работа во повеќето комерцијални банки во земјава, се главните причини поради кои што тие се привлечни за сите кои што бараат работа во приватниот сектор.

Според податоците од анкетата во која учествуваа 966 испитаници, најголем дел од тие што сакаат да бидат банкари сонуваат да работат во НЛБ Тутунска банка. За оваа банка се изјасниле 4,2 отсто од анкетираните. На второ место според атрактивноста за вработување испитаниците ја рангираа Комерцијална банка, за која гласаа 1,9 отсто, додека веднаш зад неа е Стопанска банка АД Скопје за која се изјаснија 1,8 отсто. Помал дел или 0,7 отсто сакаат да работат во Шпаркасе банка, а за Прокредит банка се одлучија 0,4 отсто.

Образложувајќи ја одлуката зошто сакаат да работат токму во НЛБ Тутунска банка, најчест одговор на анкетираните беше дека ја избрале токму неа поради високите плати и можноста вработените да напредуваат во струката. Голем дел од испитаниците ја потенцираа можноста за практикантска работа што ја нуди оваа банка, при што можеле лично да се уверат во добрите работни услови што ги нуди НЛБ. Голем дел од практикантите во анкетата наведоа дека по завршувањето на практикантската програма добиле постојано вработување во банката.

Менаџментот на НЛБ Тутунска банка смета дека главната причина што оваа банка е најпосакувано место за вработување во секторот најмногу се должи на постојаното вложување во професионалниот развој на вработените, како и на добрата корпоративна култура која се негува во банката. Раководството на НЛБ Тутунска банка потенцира дека успехот и одличните резултати што досега ги постигнала банката се резултат на заедничкиот труд на менаџментот и на вработените.

- НЛБ Тутунска банка е лидер и пример во креирање на услови за професионален раст и докажување на вработените. Банката во оваа насока во континуитет го гради и надградува  системот на обука и професионална надградба, со планиран развој на вработените. Покрај ова, културата на транспаретност во наградувањето, доделувањето на пофалби и признанија за вложениот труд и добро завршена работа, како и наградувањето врз основа на реалните резултати на работење, особено за иновативни развојни решенија, претставуваат висок стимул во мотивацијата, ангажираноста  и задоволството на вработените - велат од НЛБ Тутунска банка

Оттаму додаваат дека постојат уште неколку фактори кои особено ги мотивираат вработените.

- Станува збор за непосредната комуникација на раководството со вработените и навремениот фидбек кон нив за сите прашања. На ова се надоврзуваат следењето и мерењето на задоволството и мотивацијата на вработените, со цел да се преземат соодветни мерки за тие да бидат уште поголеми - велат од НЛБ.

Од банката објаснуваат дека професионалната пракса за млади лица ја организираат повеќе од 10 години, при што практикантите ги запознаваат со банкарските активности во сите сегменти на работењето, но истовремено и со културата на работење и тимскиот дух во компанијата. 

- Секој млад човек којшто е во тек на додипломски и постдипломски студии, има можност со аплицирање преку нашата веб-страница да оствари едномесечна пракса во некоја од организационите единици на банката, во зависност од потребите и квалификациите. Во нашата банка на годишно ниво се остваруваат околу 300 работни пракси, при што во изминатите две години 40 отсто од вкупниот број нови вработувања во банката произлегуваат од практикантите - велат од НЛБ Тутунска банка.

Годишните извештаи за работата на банките во земјава покажуваат дека платите на менаџерите на овие финансиски институции се меѓу највисоките во земјава.Годишните плати на раководните лица на најголемите банки во Македонија надминуваат 100.000 евра, но овие суми се уште повисоки имајќи предвид дека во нив не се пресметани дополнителни награди, бонуси и надоместоци за членување во различни одбори на банките.