Целосни резултати од анкетата за идни студенти. Дознајте како размислуваат нашите матуранти

Целосни резултати од анкетата за идни студенти. Дознајте како размислуваат нашите матуранти

Подготвил: Драгана Петрушевска

Анкетата за идни студенти ја спроведуваме веќе петта година по ред, од досегашните резултати веќе забележивме интересни резултати. Меѓу другото, дознаваме дека поголемиот дел од идните студенти ќе студираат на државен факултет кој го одбрале според сопствените интереси, но голем фактор во одлуката играат можностите за вработување и странство со дипломата.


Зошто сакате да студирате?

Над половина од идните студенти ќе студираат за да се здобијат со повеќе знаење од областа која ги интересира. Меѓутоа, значителен е и процентот на идни студенти кои ќе студираат затоа што со диплома полесно се наоѓа работа, поточно 43% од нив. 27% ќе студираат затоа што со диплома имаат повеќе можности во странство. Кај 12% од нив, нивното семејство го очекува тоа од нив, а 6% не знаат што друго би правеле после средното образование.




Дали сте одлучиле што сакате да студирате?

Во моментот на спроведување на анкетата, речиси половина од матурантите веќе имале одлучено што ќе студираат, поточно 46%. 42% од нив се двоумеле меѓу две или три области, додека 12% се` уште немале идеја.



Како се одлучивте што да студирате?

63% од идните студенти ја донеле одлуката за факултет според сопствените интереси. 29% од нив процениле што би било најисплатливо пред да се одлучат. 4% се одлучиле според моменталната финансиска состојба, а само 1% поради друштвото. 3% ја донеле одлуката на друг начин.

Од коментарите дознаваме дека во одлуката може да игра улога факторот „најлесен факултет“, насоката во средно образование, просекот и можностите, па дури и „ќе се најде работа и поголема плата“.



Под кои услови би се согласил/а да студираш нешто што не сакаш?

Дури 45% од идните студенти воопшто не размислувале за ова прашање. Но, 30% од нив во никој случај не би студирале нешто што не сакаат. Приближно висок процент, поточно 29% од идните студенти би студирале нешто што не сакаат поради финансиската состојба. 5% би го сториле тоа поради родителите, а по 1% доколку тоа значи дека нема да го напуштат родниот град и ако има подобро друштво на тој факултет.



Дали планирате да се запишете на факултет во градот во кој живеете?

За најголем процент од идните студенти, 48%, невозможно е да се студира во родниот град бидејќи таму го нема тоа што сакаат да го студираат. 28% ќе студираат во својот роден град. 7% се` уште не се сигурни. 6% нема да студираат во својот град иако таму го има факултетот.



Зошто?

„Не сакам да останам во мојот роден град.“ „Затоа што не е исти квалитетот.“ „Затоа што државата не ја плаќа мојата професија добро(лаборант-доктор).“ „Сакам да студирам на некој факултет кој е повеќе признаен.“ „Бидејќи сакам да доживеам студенски живот.“ „Досадно е.“

Помеѓу идните студенти кои учествувале во анкетата, најголем дел се од Скопје. Голем број од нив се од Битола, а потоа и од Куманово, Прилеп, Гевгелија, Велес и Охрид.



Дали планирате да се запишeте факултет или висока школа?

Од анкетата дознаваме дека 95% од испитаниците планираат да се запишат на факултет, додека 3% планираат да се запишат на висока школа. 2% од испитаниците ќе пробаат да се запишат на факултет, па доколку не бидат примени ќе се запишат на висока школа. Ниту еден матурант сè уште не е сигурен за својата одлука.


Дали планирате да се запишете на приватен или државен универзитет?


Од оние студенти кои планираат да се запишат нa факултет, 78% се одлучиле за државен факултет. 8% веќе се одлучиле за приватен факултет, а 12% ќе се обидат на државен, па доколку не бидат примени ќе се запишат на приватен факултет. Само 2% ќе се обидат на приватен факултет, па ако не успеат ќе се запишат на државен.


Од објаснувањата за својата одлука дознаваме дека најголем дел од студентите кои се одлучиле за државен факултет својата одлука ја донеле поради финансиската состојба, подобрите кадри, пониската цена за школарина, поголемиот квалитет, знаењето и ценетата диплома.

Од друга страна, за приватен факултет студентите се одлучуваат поради учењето од пракса, повеќето можности, поголемата организираност, подобрите услови, помалку учење, подобро знаење, подобар кадар, поценета диплома на запад, поголема достапност на професорите и поддршката од нив.

Што ви е најважно во изборот на факултетот?

На 66% од идните студенти многу им се важни можностите за вработување со дипломата. На над половина од нив многу им се важни и други фактори, како стекнување на практични знаења и да студираат она што ги интересира и она што го сакаат.



Како ќе ги финансирате вашите студии?

На 59% од идните студенти, студиите ќе им ги финансираат нивните родители. 26% планираат да аплицираат за стипендија, 11% планираат да се вработат хонорарно, а 3% ќе се финансираат со помош на кредит од банка.



Дали би препишувале за време на испит или колоквиум?

Речиси половина од идните студенти, поточно 46% не планираат да препишуваат но би препишувале за испити ако не се подготват навреме. За 24% од идните студенти тоа не е во план, но немаат против доколку другите препишуваат, додека за 17% тоа нема оправдување. 13% од идните студенти ќе препишуваат секогаш кога ќе добијат можност.



Дали планирате редовно да одите на предавања и вежби?

Дури 68% планираат редовно да одат на предавања и вежби бидејќи не сакаат ништо да пропуштат. 18% планираат да одат, но тоа не им претставува приоритет. 8% ќе одат само на вежбите кои ги интересираат, а 1% воопшто нема да одат.



Дали планирате да се вклучите во работата на некоја студентска организација?

29% од испитаниците изјавиле дека можеби ќе се вклучат во работата на студентска организација. 32% изјавиле потврдно, 19% се` уште не размислувале, а 5% не знаат. 3% одговорил негативно. 67% од испитаниците биле од женски пол, додека 33% од машки.

Најголем дел од испитаниците биле од Скопје, односно 28%, а потоа од Битола - 13% и Куманово - 7%.

52% од испитаниците имале просек на крајни оценки од 4.50-5.00 во последната учебна година.

21% од нив имале просек од 4.00-4.49; 11% имале просек од 3.50-3.99; 6% имале просек од 3.00-3.49; 10% имале просек од 2.00-2.99.