Трето место и трофеј за фер игра за спортистите на УГД во Белгија

Трето место и трофеј за фер игра за спортистите на УГД во Белгија



Спортските екипи на Универзитетот „Гоце Делчев“ на Универзитетските спортски игри во Антверпен, Белгија имаа одличен настап, а го освоија и значајното трето место. Во конкуренција на 15 земји од над 30 универзитети студентите на УГД се натпреваруваа во два од шесте предвидени спортови во програмата – футсал мажи и одбојка жени.

Одбојкарките се закитија со третото место после натпреварите со екипите на Универзитетот во Антверпен, Карел де Гроте од Белгија, Универзитетот Мендел од Брно, Чешка и Селектет Универзитетот од Иран.

Со три победи од четири одиграни натпревари против екипите на Лондон Саут Бенк Универзитетот од Британија, АПУ Колеџ од Белгија и Антверпен Универзитетот од Белгија машката екипа исто така го освои третото место на овие значајни игри. Огромен успех за УГД беше и добивањето на најзначајната награда на игрите и симболот на пентатлон натпреварувањата – трофејот Енрико Пранди – трофеј за фер игра, симбол на олимпизмот и највисока награда за етика во универзитетскиот спорт.

Наградата беше доделена лично од Енрико Пранди, основач на Пентатлон комитетот на церемонијата на свеченото затворање на игрите. Оваа награда претставува потврда за фер играта и тимската работа на спортистите на УГД.

Отворањето и затворањето на игрите беше проследено со поздравни говори на претседателот на комитетот – Питер Вебовен, почесниот ректор на Универзитетот Антверпен – Барон Францис Ван Лун и многу други високи гости.

Сите посакаа добредојде во градот и ја истакнаа важноста на овие игри кои се своевидна платформа која спојува луѓе од земји и култури преку спортот, поддршката од олимпискиот комитет и залагањата за фер играта, етичност во спортот и ширењето на мрежата на универзитетскиот спорт како основни одредби на пентатлон Комитетот.

Покрај натпреварувачкиот дел спортистите имаа можност да се дружат на неколку организирани забави, а се посетија и неколку културни знаменитости на градот. Студентите беа предводени од наставниците по спорт и рекреација, а учеството беше подржано од УГД и Универзитетскиот спортски центар

Извор: УГД ЛИФЕ