Дали Македонците навистина плаќаат најевтина струја во регионот?

Дали Македонците навистина плаќаат најевтина струја во регионот?

Најевтина струја во регионот плаќаат домаќинствата од Србија, кои воедно имаат и најевтина електрична енергија во цела Европа, додека највисока цена за овој енергенс плаќаат жителите на Данска.

Дали Македонците навистина плаќаат најевтина струја во регионот како што честопати истакнуваат официјални претставници на државните институции? Истражувањето на Факултети.мк покажа дека домаќинствата во Македонија не плаќаат најскапа струја од земјите во најблиското опкружување, но не можат ниту да се пофалат дека користат струја по најниска цена. Сепак, споредено со куповната моќ и месечните приходи на домаќинствата, сметките за струја на Македонците се на исто ниво со просекот на земјите-членки на ЕУ.



Според податоците што ги објавува европската статистичка канцеларија „Евростат“ кои датираат од 2015 година, Македонците плаќаат 0,082 евра за киловат час електрична енергија, со што се некаде на средината на листата од земјите во регионот според цената на струјата. Најевтина струја во регионот плаќаат домаќинствата од Србија, кои воедно имаат и најевтина електрична енергија во цела Европа. Србите плаќаат 0,058 евра за киловат час. Поевтина струја од македонските домаќинства плаќаат и Косово, Босна и Херцеговина и Албанија. Жителите на Косово за киловат час плаќаат 0,063 евра, а на БиХ и на Албанија по 0,081 евра.

Поскапа струја од Македонците во земјите од блиското опкружување плаќаат граѓаните на Црна Гора, односно 0,098 евра за киловат, како и на Бугарија со 0,094 евра. Домаќинствата во Бугарија можат да се пофалат дека имаат најниска цена на струјата од сите земји-членки на ЕУ. Поголеми издатоци за струја од Бугарите имаат Хрватите, каде што цената е 0,132 евра. Од земјите од регионот, најскапа електрична енергија имаат Словенците, кои за киловат час издвојуваат по 0,159 евра.

Дефинитивно најскапа струја во цела Европа, според статистиката на „Евростат“ плаќаат Данците, кои за киловат час издвојуваат 0,307 евра. Веднаш зад нив се Германците со 0,295 евра и Италијанците со 0,245 евра.

Овие бројки се однесуваат на номиналната цена на електричната енергија по киловат час. „Евростат“ има направено споредбена анализа за тоа колку цената на струјата го оптоварува домашниот буџет на домаќинствата во секоја земја, односно се зема предвид куповната моќ на населението. Според оваа анализа, цената на струјата во Македонија е на исто ниво како и во Бугарија, Хрватска, Словенија и Чешка, како и на исто ниво со просекот на ЕУ.

Последната корекција на цената на струјата во земјава беше во јули минатата година, кога овој енергенс поевтини за 0,33 отсто. Со најавената либерализација на пазарот на електрична енергија, која што според предвидениот план треба целосно да заврши до 2020 година, дел од експертите предвидуваат поголемо поскапување на електричната енергија за домаќинствата.

Во предлог-верзијата на новата „Енергетска стратегија на Македонија до 2035 година“, што лани ја изработија експерти од МАНУ, се предвидува поскапување на струјата и до 30 отсто во следните неколку години. Сепак, дел од енергетските експерти смируваат дека нема да дојде до толкаво драстично поскапување.

- Цената на струјата не е социјална, туку пазарна категорија, но во следните 5 години не треба да се очекуваат ценовни шокови за домаќинствата. Струјата нема да поскапе за 30 отсто во следниот период и покрај многубројните такви шпекулации – смируваат експертите.

Голем дел од нив потенцираат дека планираната либерализација на пазарот на електрична енергија нема да донесе драстично поскапување на струјата, туку напротив, нејзино поевтинување. Пониските цени ќе се обезбедат преку конкуренцијата на овој пазар, каде што домаќинствата ќе имаат можност самите да го изберат својот снабдувач со електрична енергија.