Интервју со проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ

Интервју со проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ

Подготвил: Драгана Петрушевска

Непосредно по прославата на 5те години постоење на ФИНКИ и во пресрет на Отворениот ден на ФИНКИ во сабота на 7ми Мај 2016 година, разговараме со вонр. проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ.


Факултети: Пред еден месец ФИНКИ прослави 5 години постоење. Што сè беше постигнато во овие 5 години?

И.Ч.: ФИНКИ за петте години од своето постоење се етаблираше како најголем технички факултет во земјата според бројот на студенти, претпознатлив по квалитетот на своите студии и дипломци. Иако ФИНКИ се формираше со спојување на два успешни институти за информатика од УКИМ, секој со своја угледна повеќедецениска традиција, сепак на многу места имаше сомнежи за успехот на новиот факултетски проект. Но, со напорна работа и лично вложување на сите вработени, и со континуираната доверба која ни ја даваат студентите изградивме институција со која се гордееме. Сега после 5 години можам да кажам дека ФИНКИ веќе не е проект, туку успешен факултет кој се носи со предизвиците од областа на наставата, науката, апликативната дејност. Изградивме бренд кој на работодавците и универзитетите им гарантира квалитет на нашите дипломци способни за работа во деловниот свет, но и плодна научно-истражувачка дејност, ако изберат академска кариера. Дополнително, кај нашите студенти го градиме и претприемачкиот дух, спремајќи ги да ги реализираат своите идеи во успешни сопствени бизниси.

Факултети: Имате ли податоци за бројот на дипломирани и запишани студенти на ФИНКИ во овие години? Кои се најпопуларни насоки?

И.Ч.: Уште од првиот уписен рок пред пет години, па континуирано до последниот септември 2015 година, редовно запишуваме над 600 нови студенти на додипломски студии. Заедно со студентите кои при формирањето на ФИНКИ одлучија да преминат на новиот факултет, како и околу 400 студенти на втор и трет циклус на студии , сега броиме речиси 4000 студенти. Нудиме 8 студиски програми за додипломски студии, 16 програми за втор циклус – магистерски студии и 2 од трет циклус - докторски студии. Студиските програми нудат голема изборност во предметите и студентите самостојно се профилираат според нивните афинитети, потребите на пазарот на трудот и тенденциите во информатиката. Нудиме и додипломска студиска програма целосно на англиски јазик која е привлечен предизвик за нашите матуранти, но и сé повеќе студенти од странство.


Факултети: Вие сте декан само 8 месеци, но во периодот се случија нешта поврзани со ФИНКИ кои го привлекоа вниманието на јавноста, како новата зграда. Како напредува изградбата и дали знаете кога факултетот ќе биде префрлен на главниот кампус? 

И.Ч.: Ние од ФИНКИ за зградата знаеме колку и генералната јавност. Гледаме дека се гради и дури откако ќе биде готова ќе ни биде дадена на користење. Зградата ни е насушно потребна и очекуваме да биде завршена во следните две до три години. Но не можам да не забележам дека е тажно што живееме во општество и време во кое во јавноста привлече внимание негативен сентимент кој го стави ФИНКИ во сосема незаслужена положба поврзана со дневна политика, наспроти бројни други настани поврзани со ФИНКИ, како победа на наши студенти на NASA Space apps challenge, победа на наши студенти на Codefest Hackaton, учество како организатор, партнер или домаќин на успешни конференции, семинари, натпревари и настани како конференцијата ICT Innovations, конференцијата CIIT, семинарот за веб дизајн Skopje2Web, TEDxSalon настаните, конференцијата EDU Conference , Климатски предизвик – Пак од тебе зависи заедно со UNDP и USAID, семинарот EESTEC CodeUpLevelUp3, семинарот BEST Design Thinking, неколку национални и меѓународни натпревари по информатика и бројни други активности кои се поврзани со матичната дејност на факултетот - информатиката. ФИНКИ треба да се евалуира според образовните и научни резултати и резултатите кои ги постигнуваат неговите студенти. Јас лично како декан се радувам и гордеам со секој успех на нашите студенти и со секоја објавена вест во медиумите за нив.

Факултети: Во последните 5 години, ФИНКИ стана препознатливо име и чест избор за студентите кои сакаат да студираат технички науки. Каде би сакале да го видите ФИНКИ во следните 5 години?

И.Ч.: Стабилниот интерес за студирање на ФИНКИ за нас е гордост и доказ дека добро работиме. Бројноста истовремено за нас носи голем логистички товар да се организираме и секако континуиран предизвик да го задржиме квалитетот. Како декан не смеам да бидам задоволен со квалитетот на образовните и административни процеси и морам, заедно со сите професори и служби, да работам на постојано подобрување. Сепак, можам да заклучам дека и во овој момент позитивно отскокнуваме во однос на останатите факултети. ФИНКИ и сега е синоним за кул факултет. Мојата визија е да стане факултет во кој студентите слободно ќе учествуваат во креирање на образовниот процес и ќе го градат препознатливиот имиџ на факултетот. ФИНКИ треба да биде место што ќе ги инспирира студентите за нивниот професионален развој, но и место со отворени врати за секое размислување. Само така ќе успее да стане препознатлив и во поширокиот регион. Ние сакаме студентите да станат професионалци кои би можеле не само да се вклопат во работата на компаниите, туку би можеле и да придонесат во развојот на истите. Поради тоа постојано работиме на вмрежување во бизнис заедницата, но и различни академски мрежи на ниво на Европа. Како резултат на оваа заложба професорите (а преку нив и студентите на ФИНКИ) имаат соработка со преку 200 компании и преку 30 европски академски мрежи. Лично верувам дека овие бројки се нестандардни за Македонија. Тоа е уште една уникатна специфика на ФИНКИ.

Факултети: Дали се планираат промени во наставната програма - можеби некои нови насоки?

И.Ч.: Убавината и предизвикот во нашата професија – информатиката, е во постојаното еволуирање и менување на трендовите. За да може да држиме чекор со науката и потребите на индустријата мораме континуирано да ги иновираме содржините на курсевите кои ги нудиме. Од година во година ги освежуваме содржините на курсевите во граница на генералните рамки кои сме ги задале при акредитацијата. Сепак, повремено правиме и темелна реорганизација и реакредитација. Тоа го направивме во 2011 и 2013 година и секако ќе го повториме во следните години. Штотуку акредитиравме и три нови студиски програми за втор циклус на студии за Управување во информатички технологии односно Менаџмент, потоа Пресметување во облак односно Cloud Computing и на крај и ИКТ во едукација. Освен фундаментални и напредни информатички знаења, во студиите акцент ставаме и на бизнис и менаџмент, маркетинг и “soft-skills” како презентациски и комуникациски вештини, кои им се есенцијални на модерните инженери да успеат во она што го работат.

Факултети: Можете ли да ни откриете некои конкретни планови и новости на кои се работи во моментов?

И.Ч.: Во моментот сме посветени на унапредување на процесите во ФИНКИ на повеќе фронтови. Континуирано работиме на воведување на електронски студентски сервиси и осовременување на постојните со цел олеснување на административните процеси при студиите. Инвестираме во неколку нови факултетски лаборатории со ентериерно реновирање и набавка на лабораториска опрема тргнувајќи од персонални компјутери, серверска инфраструктура, па се до роботи, квадкоптери, Wearables електронски уреди, 3D печатари и други нагледни средства и уреди за учење и научно истражување. Во тек е акредитација на лабораторија за екоинформатика и мониторинг на животната средина. Ја продлабочуваме врската со бизнис заедницата обезбедувајќи практична работа и обука за студентите, но и врската со универзитетите во Европа за заедничка работа на научно-истражувачки проекти. Генерално да заокружам, работиме да го градиме ФИНКИ да биде моторот на ИТ индустријата кај нас, но и промоторот на придонесот информатиката во сите пори од модерното живеење како општествените односи, социјалните интеракции, образованието, здравството, урбаното живеење, земјоделството, екологијата и ред други области кои може да имаат придобивки од информатичките технологии.

Факултети: Каква порака би им пратиле на оние кои размислуваат да се запишат на ФИНКИ?

И.Ч.: Информатичките технологии и компјутерското инженерство се брзорастечки научни и бизнис области кои отвораат многу хоризонти за лично надградување, квалитетно и брзо вработување, опции за сопствен бизнис и генерално неограничени можности во светски рамки. Студирањето на ФИНКИ загарантирано ќе ве внесе во тој свет. Но, тоа не е доволна причина да се запишете на ФИНКИ. Запишете се само ако имате пасија за технологија. Запишете се ако сакате да учите и напредувате. Можеби важи дека студирањето на ФИНКИ не е лесно, но затоа ќе бидете колеги со најдобрите од најдобрите. ФИНКИ отвора врати од еден интересен и возбудлив глобализиран свет. Дојдете ако сакате да го истражите. Во сабота на 7ми Мај е отворениот ден на ФИНКИ и ги покануваме сите заинтересирани да не посетат, да видат одблиску каде сме, кои сме, што правиме и изворно да зборуваат со студентите и професорите околу студиите на ФИНКИ. Ќе летаме дронови, ќе играме со роботи, ќе се дружиме и запознаеме.