Терапија Анти - VEGF

Терапија Анти - VEGF

Третманот Анти –VEGF е група лекови (Eylea, Avastin, Lucentis) кои ја одржуваат и подобруваат видната острина кај пациенти кои страдаат од заболувања на задниот сегмент на окото. Во принцип, пациентите со вакви заболувања гледаат црни точки, флеки и сенки во видното поле, а сликата е искривена како коа се гледа низ вода. На оваа тема, разговаравме со др. Виолета Бучкоска, шеф на Одделот за ретина при „Систина Офталмологија”, кои веќе долг период успешно го изведуваат овој третман и задоволни се од постигнатите резултати.

 

sistina

 

За што служи третманот Анти - VEGF?

 

Овој треман го спречува формирањето на нови крвни садови или отекувања, кои настануваат на задниот сегмент на окото (ретината) и доведуваат до сериозни визуелни оштетувања. Причината за формирањето на нови крвни садови со тенки ѕидови е поради недостиг на кислород до ретината. Ретината е најклучниот орган за вашиот вид која е сочинета од клетки наречени фоторецептори кои го конвертираат светлото во неурални сигнали, ги доставуват до мозокот и се формира слика. Овие клетки се снабдуваат со хранливи материи и кислород преку крвта, и доколку настане оклузија (блокирање) на крвните садови кои ја носат и изнесуваат крвта од ретината, слабите ѕидови на крвните садови попуштаат, настанува крварење и оток, поради што видот постепено или нагло се намалува.

 

Како дејствува терапијата Анти - VEGF?

 

VEGF е протеин кој природно го има во нашиот организам и е одговорен за формирање на нови крвни садови поради намалено количество на кислород во крвотокот. Терапијата анти – VEGF го спречува прекумереното продуцирање на овој протеин, со што се оневозможува формирање на нови крвни садови во очите. Со помош на оваа терапија, вашиот вид може да се подобри или да се спречи негово влошување. Овој третман служи за лекување на оние болести на ретина кои не се третираат хирушки, туку само со медикаментозна терапија (medical retina).

 

При кои состојби се користи третманот Анти - VEGF?

 

sistina-tim

 

Според СЗО, се проценува дека 285 милиони луѓе низ светот имаат оштетувања со видот и намален вид, додека неколку милиони луѓе се слепи како резултат на компликациите на ретината кои настануваат поради формирање на слаби крвни садови поради дијабетес, васкуларните заболувања, висок крвен притисок, маснотии, срцеви проблеми и сл. Анти – VEGF третманот се користи кај:

 

1. Влажна форма на макуларна дегенерација - безболна состојба која постепено го оштетува вашиот вид со создавање на нови крвни садови. Причини за појава на оваа болест се: гени, нерегулиран крвен притисок, холестерол, прекумерена телесна тежина и пушење.
2. Дијабетичен макуларен едем – компликација која се јавува кај луѓето со шеќерна болест (дијабетес) кој не бил навремен дијагностициран или редовно контролиран.
3. Оклузија на ретинална вена –хронична состојба која се манифестира со ненајдејно губење на видот, која може да настане на било која возраст, но најчеста е кај постарите лица (од 65 години). Причините за нејзиното настанување се: глауком, хипертензија, срцеви проблеми, маснотии или дијабетес.

 

За какви лекови станува збор?

 

Анти-VEFG се раствори кои се инјектираат во вашето око. На тој начин се намалува ризикот од лузни и оштетувања на мрежницата кои може да настанат при ласерски третман. Претходно се капе локален анестетик, пациентот не чувствува ништо и сѐ завршува за неколку секунди. По апликацијата, видот може да биде заматен 1-2 дена, и неколку денови се капат антибиотски капки. По недела до две, во видното поле може да се појави црна сенка која всушност е лекот кој се ресорбира, и претставува нормална појава. Интервалите на аплицирањето на оваа терапија ги одредува офталмологот за задржување или одржување на видот, и зачувување на квалитетот на животот на секој човек.