Пристигнува нова ера во образованието

Пристигнува нова ера во образованието

Подготвил: Драгана Петрушевска

Постои огромен потенцијал во видео игрите кога станува збор за образованието. Игрите како „Sim City“ и „Math Blaster“ веќе се користат во основни училишта низ САД. Но, засега се користат интернет-платформи, а според едно истражување, 60% од наставниците сметаат дека немаат доволно дигитални ресурси во училниците. Со појавувањето на виртуелната реалност се наоѓаме среде промена на перцепцијата за учењето од страна на модерните наставници.


Видео игрите се` почесто се симулации на реалноста, а ова може да биде имплементирано и во образованието. А промената веќе се забележува. „Minecraft Edu“ им овозможува на учениците да ги разгледуваат пирамидите во Гиза, да разберат основни електрични принципи или да создаваат имагинативна околина.

Виртуелната реалност може да направи ученикот да верува дека се наоѓа во симулацијата, а со ова и да ги има тие искуства. Виртуелната реалност ќе им овозможи на учениците да прават, наместо да слушаат. Тие ќе учат преку пракса и ќе ги имаат тие искуства за кои досега ние читавме во учебниците. Тие може да учествуваат на историски настани, да истражуваат недостапни места или да виртуелизираат апстрактни концепти без да излезат од училницата.

Феноменот „виртуелна реалност“ во образованието се шири со програми како „Alchemy VR“ или „EON Reality“, како и со помош на големи корпорации како „Google“. Во септември минатата година, компанијата претстави програма со која на наставниците им се дава опрема за да ги однесат своите ученици на авантури на земјата, под морската површина или дури и надвор во вселената преку виртуелна реалност. Повеќе извештаи покажуваат дека училиштата се задоволни од оваа програма.

Факт е дека се наоѓаме на прагот на нова ера во образованието, во која учениците може да учат со искуство. Ова ќе биде овозможено од технологијата за виртуелна реалност.