Која е причината за честа појава на земјотреси во Македонија и на Балканскиот Полуостров?

Која е причината за честа појава на земјотреси во Македонија и на Балканскиот Полуостров?




Регистрирани земјотреси на Балканскиот Полуостров, од 1960 до 2014 година. Најчести земјотреси се во зоната на најсилниот судир (всушност подвлекување, субдукција) на двете континентални плочи, а поради близината, ефектот е силен и во Македонија. 

Регионот на Средоземјето (Медитеранот) сеизмички е доста активен поради судирот на Африканската и Евроазиската континентална плоча. Имено, огромната Африканска континентална плоча („носејќи“ го целиот континент Афрка) се движи кон север со брзина од околу 4-10 мм годишно, при тоа судирајќи се со Евроазиската плоча (на која лежат Европскиот и дел од Азискиот континент). Овој судир започнал пред околу 50 милиони години и е поврзан со „затворањето“ на некогашното големо море Тетис од кој денес останало Средоземното Море. Причините пак за ваквото движење и судири на цели континенти (други пак како Африка и Америка се оддалечуваат), лежат во кружните движења на магмата (врз која лежат континентите) под земјината кора.

Најсилна сеизмичност во Медитеранскиот регион со појава на катастрофални земјотреси е забележана во јужниот дел на Егејско Море (јужна Грција) од Пелопонез до Крит, потоа долж Северно-Анадолискиот расед во северозападна Турција и долж Калабриската зона во јужна Италија. Во овие подрачја се забележани многу силни земјотреси, како оној од 1903 година во Китера (проценети 8,2 степени по Рихтер), потоа земјотресот од 1926 година на Родос (7,8 степени по Рихтер-најсилниот инструментално забележан земјотрес во Европа), како и катастрофалниот земјотрес од 1999 година во Измит кај Истанбул (7,6 степени по Рихтер, кога загинаа повеќе од 17000 луѓе). Заради силниот судир на овие огромни континентални плочи (и неколку помали како Арабиската, Малоазиската и сл.), засегнат е и Балканскиот Полуостров. Тој е „раздробен“ на помали блокови, од кои некои се „нестабилни“ и од време на време ќе се затресат или занишаат за да постигнат привремена стабилност. На такви релативно нестабилни блокови, во Република Македонија лежат Валандовската, Скопската, Дебарската, Дојранската Котлина, Битолско-Демирхисарскиот дел (со блоковите на Илинска и Плакенска Планина), Влаинскиот блок и други. Всушност, поради притисокот од двете големи тектонски плочи, територијата на нашата држава е „раздробена“ со бројни длабински пукнатини-раседи и блокови, а погоре споменатите се изразито нестабилни. Во нашето опкружување пак, освен егејските тектонски блокови (раседи) во Грција, изразито нестабилни се Косовската, Софиската, Струмската (посебно Кресненска) и други во соседството. Потврда за тоа се и силните земјотреси во овие подрачја кои достигнале и до 7 степени по Рихтер (Пехчево-Кресна), односно и до 10 степени според Европската макросеизмичка скала. За утеха е што најголем дел од територијата на Македонија се наоѓа во зоната на умерена сеизмичност, а единствени силни сеизмички центри се во Пехчевско (7,5 степени магнитуда), Валандовско (7 степени), Дебарско (6,8 степени), Скопско (6,5 степени) и Битолско-Демирхисарско епицентрално подрачје (6 степени максимална очекувана магнитуда). Секако големината на очекуваната максимална магнитуда не мора да корелираат со појавените штети и уништувања, што пак зависи од начинот и квалитетот на градба, поставеноста на објектите и инфраструктурата, начинот на домување и сл.



Сеизмотектонска карта на Македонија, со најсилните случени земјотреси од 1900 година до денес. 

Значајно е да се напомене дека понекогаш, силните земјотреси во регионот на Медитеранот биле проследени и со катастрофални цунами. Такво огромно цунами било формирано за време на силниот Лисабонски земјотрес во 1755 година, чија магнитуда е проценета на 8 степени по Рихтер. Од земјотресот и од цунамито тогаш загинале над 60.000 жители на Лисабон и околните населби. Земјотресот пак во Месина од 28 декември 1908 година (7,2 степени по Рихтер) предизвикал огромно локално цунами, така што од земјотресот и од цунамито загинале околу 100.000 жители по што се смета за најсмртоносен земјотрес во Европа. Постојат докази и записи за уште десетици други цунами предизвикани од земјотреси, кои имале катастрофален ефект.

Инаку, во нашите медиуми, од време на време се појавуваат тврдења дека земјотресите се поврзани со силни врнежи, поплави или други непогоди. Кога станува збор за тектонски земјотреси, кои се доминантни и обично најсилни, таква поврзаност воопшто не постои. Тектонските земјотреси може да се во некаква корелација со блиски вулкански ерупции (може да претходат или да следат во поширокиот регион), потоа со гравитациските влијанија на Месечината и Сонцето и сл. Врнежите и поплавите можат да влијаат индиректно само на појава на мали урниски земјотреси, кога доаѓа до огромни одрони, свлечишта и сл. (како слабиот земјотрес кај Кавадарци поради урнисот на ридот Градот).

Доколку сакате да погледнете карта на случени земјотреси во реално време, еве една одлична страница за тоа: http://quakes.globalincidentmap.com/

Подготвил: д-р Ивица Милевски