Ангелка Пеева - Лауренчиќ, директор на

Ангелка Пеева - Лауренчиќ, директор на "Image PR": Добриот кандидат за работа мора да го сака тоа што го работи

Подготвил: Драгана Петрушевска

Ангелка Пеева - Лауренчиќ е генерален директор на „Image PR“, а неодамна беше гостин на 16-то „Бизнис кафе“ во Македонија. Таа се занимава со комуникации од самиот почеток, иако прво работела во политиката.


Кога започнала да работи со PR или односи со јавност, во земјава никој не го работел тоа.

Во рамки на тоа, таа вели: „Правило број 1 кога сакате да започнете бизнис е барајте ја потребата, не размислувајте на производот. Секогаш има нешто што некому му треба и го нема на пазарот“.

На оние кои веќе имаат бизнис, Ангелка им порача дека бизнисот е само голема дисциплина, а оние што сакаат да започнат бизнис да бидат храбри и да ја бараат потребата затоа што секогаш ќе има некој што ќе ги купи.

„Ако работите само за пари, парите никогаш нема да дојдат. Ако работите од љубов и со желба, парите самите ќе си дојдат“, изјави таа.


За односите со јавност таа вели дека тоа е локална алатка и алатка што ја знаат само локални луѓе затоа што тоа што делува тука не делува во другите земји и обратно.

„Image PR“ постои од 2002 година, а има клиенти уште од самиот почеток. Во однос на другите вакви агенции, Ангелка смета дека „Image PR“ има предност во тоа што нуди комуникациски менаџмент, но и искуството и добриот тим.

„Image PR“ брои тим од над 50 луѓе од повеќе области и според Ангелка, вработените играат голема улога во успешноста на една компанија.

Кога станува збор за особините кои треба да ги има еден вработен во нејзина компанија таа вели: „Мора да биде вреден, мора да биде дисциплиниран, мора да го сака тоа што го работи, мора да гине за својот клиент, да верува во целта. Не мора да има многу дипломи, не мора да има многу сертификати, но мора да го сака тоа што го работи“, изјави таа.