Запознајте ги Моника и Арти, најдобрите дипломици од Машинскиот факултет

Запознајте ги Моника и Арти, најдобрите дипломици од Машинскиот факултет


 
Со голема посветеност, желба за знаење, многу учење, инвестиција во себе, одлични професори и услови за работа, но и големо жртвување на дел од слободното време... Вака од прилика се станува првенец на генерација на Машинскиот факултет во Скопје. Или, вака барем им успеало на Моника Улер- Зефиќ и Арти Ќормемети, најдобрите студенти од последните две генерации од Машинскиот факултет на УКИМ. Со нив зборувавме за нивните успеси на полето на науката, за нивните интереси, желби и работа.

Одговорна за грижата за животната средина

Моника Улер-Зефиќ на Машински Факултет во Скопје се запишала во септември 2010 година, поради нејзината желба да студира на технички факултет, но конкретно Машинскиот го избрала како резултат на присуството на отворениот ден на факултетот додека била матурант.

- На тој ден ни беше посветено навистина квалитетно време, не прошетаа низ објектите на факултетот, ни ги објаснија насоките кои постојат и што тие опфаќаат. На тој начин се решив да го изберам Енергетика и Екологија, кој е доста обемен и опфаќа неколку проблематики, добивање на електрична енергија користејќи обновливи и необновливи извори на енергија, како и заштита на животната средина. Дипломирав во септември 2014 година и студиите ги завршив со просек 9.78. Пред сè привилегија е да се студира на факултет каков што е Машинскиот, а уште поголем успех е да се биде студент на генерација на истиот.



Најискрено не очекував дека ќе добијам вакво признание, пред сè поради тоа што студирањето на Машински за мене беше лична сатисфакција и задоволство, гледав што повеќе да научам, да стекнам знаење и практични искуства, а не да целам кон достигнување на некое признание. Но, откако ме известија дека сум студент на генерација се чувствував навистина почестено што сум издвоена од масата, што мојот труд беше награден и забележан од страна факултетот. Клучно за вакво достигнување е, инвестиција во себе, инвестиција со знаење, максимална посветеност и откажување од дел од слободното време и желба за надграба во избраната област - вели Улер-Зефиќ.

Во текот на студиите најмногу се посветила на областа Хидраулика, поконретно: механика на флуиди, хидроцентрали, хидраулични машини и пречистителни станици за отпадни води, на која тема ја одбраника и нејзината дипломска работа.

- По завршување на студиите, односно започнување на работното искуство моето поле на интерес е заштитата на животната средина. Во ОКТА Рафинерија Скопје, каде моментално работам бев вклучена во пректот за изработка на Студија на Безбедност - Seveso Study. Моментално сум вклучена во проектот организиран од Канцеларијата на Регионалниот Центар за Животна средина (РЕЦ)  во соработка со United Nations Environmental Programme (UNEP) со наслов Стабилизирање на емисиите на стакленички гасови од патниот сообраќај преку двојно намалување на потрошувачката на гориво: регионално спроведување на глобалната инцијатива за економија на горивото. Работам во ОКТА Рафинерија во Скопје во секторот Здравје, Безбедност и Животна средина. Одговорна сум за заштитата на животната средината, односно пратење на регулативата за животна средина, подготвуваме извештаи и известување за емисиите во вода, воздух и почва, контроли при справување со отпадот, усогласување на компанијата со барањата на стандардот ISO за управување со животна средина 14001.. Во оваа работа, односно работа во индустрија најмногу ми се допаѓа тоа што работата е разновидна, понекогаш неочекувана, доста детална и прецизна и има можност за стекнување огромно искуство - вели Улер-Зефиќ.

Во текот на студиите на Машинскиот Факултет предвидена е практична настава како предмет во траење од еден семестар. Моника еден месец била на практична настава во Хидроцентралата Козјак. Освен тоа, поради добрите резултати во текот на студирањето била избрана да биде демонстратор на повеќе предмети, како: Механика на флуиди, Математика 1 и Нумеричка анализа и Автоматско Управување, што доста придонело за стекнување дополнително искуство.

- Моментална цел ми е да магистрирам на Машинскиот Факултет, каде имам запишано пост-дипломски студии на смерот Sustainable Energy and Environment (SEE) кој е во соработка со Универзитетот во Норвешка, наречен: Норвешки Универзитет за Наука и Технологија во Трондхајм. Исто така, во тек на реализацја е уште една моја желба поврзана со науката, односно студирање еден семестар на претходно споменатиот Универзитет, што треба да се оствари почнувајќи од август до декември во тековната година. Секако, не помалку важно за секој млад човек е напредок во кариерата и достигнување повисока работа позиција од таа на која се наоѓа - завршува Улер-Зефиќ.

Инженер кој одговорно и ефикасно ќе ги користи природните ресурси за енергија

Нејзиниот колега Арти Ќормемети на Машинскиот Факултет во Скопје насоката Автоматика и Флуидно Инженерство ја завршил со просек од 9.85. Овој профил се занимава со некои од по-класичните проблеми на машинството; хидраулика, пневматика и автоматика. За Ќормемети посебна гордост претставува тоа што бил првенец на генерација.

- Самите студии во Машинскиот Факултет беа огромен предизвик но воедно и привилегија за мене во периодот кога почнав. Од првиот ден се залагав да го вложам максимумот за да абсорбирам што е можно повеќе од моите професори и од таа можност. На крајот, но не само тогаш, гледајќи како цела таа работа и посветеност се цени и се вреднува значи многу за мене и за мојата работа понатаму. Секогаш се обидувам таа гордост да ја пренасочам во мотивација за понатамошна работа. Математиката била секогаш поле каде што се чувстувам сигурно и природно, но целото тоа чуство на природност во математиката произлегува од мојот голем интерес за физичките особини и механичкото значење на нештата и како тие функционираат. Секогаш сум бил заинтригиран од механизми и физички феномени, и со тоа инженерството во целина, и машинството секогаш биле мои приоритети за студирање - вели Ќормемети.

Тој моментално работи во индустрија за огноотпорна технологија, и верува дека има можност и мотивација да се подобри многу во таа насока. Работи во фабриката „Вардар Доломит„ во Гостивар, за која добил стипендија при неговата последна година на студии, со посредство на Машинскиот Факултет. Штом дипломирал, добил понуда за работа.

- Во месец август ги почнувам постдипломските студии за магистер на науки во Rice University во Хјустон, Тексас преку програмата за стипендии Фулбрајт, која што ја добив преку Американската Амбасада. Во текот на студиите секогаш сум го гледал турбомашинството како врвот на флуидното инженерство, и поле кое што претставува огромен предизвик за мене, но и мотивација за понатаму.

Хидрауличните турбини, ветерните турбини беа дел од мојата дипломска работа, но тие се воедно и дел од моите магистерски студии кои што ќе ги почнам во САД ова година - вели Ќормемети.

Тој е презадоволен од студиите на Машинскиот факултет. Во текот на студиите имал повеќекратна и многу вредна пракса во гипсената индустрија во неговиот роден крај, Дебар. Следна моја цел која сум ја зацртал е мојот максимален ангажман во студиите во Америка, не оставајќи простор за други цели особено во ова првична фаза. Како една цел што ја сонувам, и сакам да ја остварам, е да бидам не само добар инженер, но и агент на промена во моето општество, и да бидам дел од една предводничка генерација на инженери и научници кои што можаат и треба да направат позитивна и авангардна промена во местото каде живееме. Сакам да бидам дел од инженерите кои што ќе можат одговорно и ефикасно да ги користат нашите природни ресурси за енергија, како што е ветерниот и водниот потенцијал. Сакам да бидам дел од едно општество која што иако изгледа мала, може да направи големи нешта со помош на наука, инженерство и ефикасност - завршува Ќормемети.