Запознајте ја Јана, матурантка од

Запознајте ја Јана, матурантка од "Нова", примена на 11 светски универзитети


 
Матурантката Јана Чолаковска, ученичка во приватната гимназија Нова, од 11 универзитети на кои била примена избрала да студира на New York University. Вели дека тој најмногу и лежи и дека, првата година ќе го усовршува францускиот јазик, а потоа ќе живее и учи во Њујорк. На сите средношколци кои имаат желба да студираат на светски универзитети им порачува да одржуваат одличен академски просек, но и да вложуваат во активности надвор од училницата за кои се навистина заинтересирани бидејќи тоа се цени подеднакво.

Факултети мк: Ќе студираш на New York University од кој имаат излезено нобеловци, актери односно еминентни личности од различни области. Зошто се реши токму за тој универзитет и за која област се одлучи?
- Додека ги подготвував моите универзитетски апликации воопшто не ни сонував дека ќе бидам примена на единаесет универзитети, а уште помалку на NYU. Иако бев пресреќна за сите од нив, се одлучив за него бидејќи мислам дека академски најмногу ми лежи и дека најлесно ќе се асимилирам во неговиот универзитетски живот. Првата година ќе ја поминам во Париз каде што ќе го усовршувам својот француски, а следните три години ќе живеам во градот Њујорк. Програмата е така структурирана што во првите две години ќе студирам по системот liberal arts, според кој ќе следам општи предмети, а во мојата трета година ќе направам транзиција во програмата за политички науки и интернационални односи.

Факултети мк: Како е патот до еден ваков престижен универзитет? Што би им препорачала, од каде да почнат средношколците кои сонуваат да се запишат на образовна институција од ваков калибар?
- Соништата се одлична почетна точка за ваков подвиг, но тие можат да останам само соништа доколку не се вложи континуиран труд и работа. Мојата главна препорака би била да одржуваат одличен академски просек, но и да вложуваат во активности надвор од училницата за кои се навистина заинтересирани бидејќи тие се оние нешта што би ги направиле поразлични од сите илјадници што аплицирале со истиот одличен успех. Со воншколкси активности би се покажала истрајноста и креативноста на ученикот која можеби и не е толку транспарентна преку оценките. Трудот и љубопитноста секогаш се препознаваат и ценат.

Факултети мк: Средношколка си во гимназијата „Нова“. Колку образованието и кадарот во ова средно училиште ти помогна да се запишеш на New York University?
- Мојата благодарност кон моите професори и академски советници од Нова е неизмерна. Академските советници беа секогаш тука за да ги одговорат моите прашања за техничките аспекти на мојата апликација, а професорите редовно ме инспирираа низ четирите години додека бев нивна ученичка. Иако одлуката, мотивацијата и трудот за да аплицирам на NYU беа мои, тие секогаш беа тука како поддршка.

Факултети мк: Дали твојот професионален пат го гледаш надвор од Македонија или најмногу би сакала после студиите да се вратиш во земјава?
- Уште од мала се замислував себеси како работам во странство, но како што поминува времето сфаќам дека имам голема социокултуролошка поврзаност со Македонија, а особено со Скопје. Несомнено би сакала да се вратам и да учествувам професионално во културата која ме израсна со цел и јас да можам да оставам свој белег на неа. Според мене една култура е креирана од луѓето кои таа самата ги произведува. Тоа е еден постојан и совршен круг којшто не тера да бидеме свесни и совесни граѓани.

Факултети мк: Следната учебна година ја почнуваш на ново место во поинаква средина. Сметаш ли дека си подготвена за предизвиците што ги носи студирањето на New York University, академска средина која е на едно високо ниво и подалеку од дома?
- Мислам дека не сум целосно подготвена да направам таков академски и културолошки скок, но исто така не мислам дека некогаш воопшто би била сосема подготвена. Едноставно се потпирам на мојата храброст, интелект и креативност да ме водат кон нови попредизвикувачки лични и академски патешевствија