Македонските туристи во Грција од денеска ќе плаќаат поскапо кафе, храна и бензин

Македонските туристи во Грција од денеска ќе плаќаат поскапо кафе, храна и бензин

Подготвил: Ф.Д.



Со новата стапка на ДДВ која од 23 се зголеми на 24 отсто, бензинот сега е поскап за 5 евроценти од литар, додека дизелот поскапе за 8 евроценти од литар, вели Македонката Александра која живее во околината на Костур.

Македонските туристи во Грција од денеска ќе се соочат со нови, повисоки цени во рестораните, маркетите, шопинг-центрите, како и на бензинските пумпи. Грција ја зголеми стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 23 на 24 отсто за одредeни производи и услуги, што предизвика бран поскапувања низ целата земја.

Први на удар се кафулињата и рестораните во Грција кои се принудени да ги зголемат цените бидејќи сега плаќаат повисок ДДВ за кафето, соковите и храната, како и бензинските пумпи од кои дел веќе ги објавија повисоките цени. Македонката Александра, која што живее во околината на Костур, вели дека бензините во Грција од денеска се поскапени.

- Со новите давачки, бензинот сега е поскап за 5 евроценти од литар, додека дизелот поскапе за 8 евроценти од литар. Повисок данок се плаќа и на голем број прехрамбени производи, како што се леб, тестенини, бисквити, чоколади, конзервирана храна, така што се очекува во многу скоро време се ова да биде поскапо – вели Александра.

Освен храната, повисоката стапка на ДДВ важи и за облеката, без разлика дали е увозна или од домашно производство. Тоа значи дека македонските граѓани кои често одат на шопинг во Солун ќе се соочат со повисоки цени на облеката што ја купуваат од тамошните трговски центри. На удар се и луѓето што планирале да купат електрични апарати од кај јужниот сосед бидејќи и тие веќе се продаваат по повисока цена. Поскапуваат и дел од услугите како што се користењето интернет, фиксна телефонија и претплата за кабелска телевизија.

Туристите кои планираат да го користат локалниот автобуски превоз во местото каде што престојуваат треба да бидат подготвени дека ќе платат повеќе за превоз отколку што првично планирале бидејќи ќе скокнат и цените на автобуските билети. Бран поскапувања се очекува и на некои острови кои досега имаа повластена даночна стапка. Така, повисоки цени ќе има на Тасос, каде што летуваат многу Македонци, како и на за нас помалку познатите Сирос, Тинос, Антипаро и Сифно.

Зголемувањето на ДДВ во Грција доаѓа по притисокот на странските кредитори, кои тоа го наметнаа како услов за грчката влада да добие нов кредит од европските финансиски институции. Станува збор за 11,5 милијарди долари кои беа замрзнати се додека Грција не ги прифати сите барања на странските кредитори, меѓу кои беше и тоа за зголемувањето на даноците.