Интервју со Ненад Новковски, кандидат за ректор на УКИМ: Враќање на  академската автономија преку почитување на творечката единка, професорот

Интервју со Ненад Новковски, кандидат за ректор на УКИМ: Враќање на академската автономија преку почитување на творечката единка, професорот

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јованоска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули. Факултети.мк. ќе објави интервјуа со кандидатите, а сите ќе одговараат на исти прашања. Ќе имате можност да ги прочитате и нивните програми за работа со кои се кандидираат за оваа функција



Професор Ненад Новковски е редовен професор на Природно математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика. Тој е автор е на бројни научни и стручни трудови, а беше и министер за образование и наука.

Факултети.мк: Кои ќе Ви бидат приоритетите ако станете ректор на УКИМ?

- Прво ќе биде враќањето на академската автономија преку почитување на творечката единка, професорот, од кого што натаму израстува универзитетот.

Веднаш потоа доаѓа обезбедувањето на достап до ресурси за истражување, без што не може да се замисли еден современ универзитет. За да може максимално да бидат ставени во функција огромените капаците на институцијата, ќе пристапам веднаш кон реорганизација на универзитетската администрација така што ќе се олесни конкурирањето на проекти од различни нарачатели и нивната реализација. Ова посебно се однесува на европските проекти коишто се отворени за нас, а досега се изразени малку користени. Грижата за студентите ќе дојде до израз наместо преку сегашниве отуѓени сојузи, преку поддршката на сите изворни студентски иницијативи и заложби за подобрување на условите на студирање и за општествените прашања воопшто кои што ги мотивираат студентите да дејствуваат.

ЛИНК до програмата на проф. Ненад Новковски

Факултети.мк: Високото образование во последните петнаесеттина години доживеа многу промени, некои позитивни, некои негативни, кои се според Вас најголемите грешки кои државата, но и Универзитетите ги направија во високото образование?

- Најаголемите штети што беа нанесени на високото образование се обидот за вопоставување на генерално екстерно оценување во високото образование и оддалечувањето од европските образовни системи преку укинувањето на системот 3+2+3 за степените на високото образование, потоа нарушувањето на автономијата преку мешањето во методологијата на наставата, но најмногу отсуството на поддршка за научно-остражувачките проекти. Најголемата грешка на УКИМ е што ја воведе т.н. Школа за докторски студии, што не реагираше на сите загрозувања на функционирањето на високото образование, а најмногу што не обезбеди поддршка за истражување преку привлекување на средства, организација на административни капацитети за поддршка на проектите и поттикнување на надлежните институции во земјата и странските фондации за обезбедување на средства за истражување.

Факултети.мк. Еден од најголемите предизвици на нашиот високо образование беше воведувањето на Болоња. Што ни донесе овој систем?

- Со вклучувањето во Болоњскиот процес влеговме во семејството на европски високообразовни системи што на кус рок ни овозможи многу поголема мобилност на студентите и наставниците и меѓусебно признавање на високообразовните квалификации. Понатамошното развивање на сите аспекти од Болоња се очекува да донесе многу повисок квалитет и уште поголема двонасочна мобилност, како помеѓу одделните циклуси, така и во тек на студиите од даден циклус. Овој процес претставува огромен исчекор во европската интеграција и е еден од условите што не носи во полноправно членство на Унијата. Наредните чекори ќе донесат уште поголема интеграција на европските образовни системи и олеснета мобилост на професорите и студнетите.

Факултети.мк: Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете нешто во врска со хиперпродукцијата на магистри и доктори на наука?

- Не постои хиперпродукција на кадри со завршен втор и трет циклус. Постојат критични недостатоци во студиските програми на овие циклуси на државните универзитети, меѓу коишто УКИМ би требало да обезбедува највисок квалитет. Ова се однесува како на профилите, така и на организацијата на студиите.

Најтежок проблем сепак е отсуството на поддршка од државата за овие степени преку соодветни стипендии, вработувања на млади истражувачи и финансирање на научно-истражувачки проекти. На Македонија и требаат многу повеќе магистри и доктори на науки, во најголема мерка покриени од УКИМ како најстара и најмоќна високообразовна установа што треба да обезбеди кадри и за другите универзитети што се во развиток. Современиот начин на производство бара кадри со повисок степен на образование и за многу други институции, за индустриските претпријатија и финансискиот сектор. Она што треба да се смени е профилот на кадрите што се оформуваат, како и организацијата и да се обезбеди поддршка со ресурси за истражувањата. Поради ова, веднаш штом ќе бидам избран за ректор ќе пристапам кон укинување на т.н. „Школа за докторски студии“ на УКИМ којашто излегува надвор од законот и на поддршка на акредитирање на програми по примерот на најугледните универзитети. Ќе привлечам и ќе насочам средства кон младите истражувачи за квалитетно и навремено реализирање на истражувачкит езадачи во рамките на студиите.