Само кај нас, концептот на екстерното тестирање е со ваков ендемски вид

Само кај нас, концептот на екстерното тестирање е со ваков ендемски вид

Екстерното тестирање со кое се опфатени учениците од основните и средните училишта и годинава покажа неколку слабости, од погрешни и нелогични одговори, до преголем товар и стрес за учениците и наставниците. Целта поради која се воведе е проверка на многуте петки на учениците и работата на наставниците, но таа како да се изгуби низ годините на неговото воведување. Како е организирано ваквото тестирање во другите земји и што може да ни одговара на нашиот образовен систем, без да има жртви и непотребни стресови и нервози за сите учесници? За овие, прашања разговаравме со наставници и анатлитичари кои се занимаваат со образовни политики.



Екстерно кое нема да се фокусира на поединечни наставници и ученици Ана Мицковска Ралева, аналитичар за образовни политики во Центарот за истражувања и креирање политики од Скопје вели дека постојат повеќе групи на национални тестирања во Европа.



- Во првата група се тестови кои ги сумираат постигањата по одредена фаза од образование. Ова се тестови за „оценување на учењето“. Ефектите по кариерата на ученикот можат да бидат големи, преку: давање на сертификати / свидетелства врз основа на резултатите (Полска, Белгија (Француска заедница), селекција или распределување на учениците во одделенија според способностите или кариерните преференции (Луксембург, Холандија). Тие се обавезни за сите ученици. Во втората група се тестови чија цел е  мониторирање и евалуација на училиштата или образовниот систем како целина. Се прават споредби помеѓу училиштата, служат како механизам за отчетност и евалуација на перформансите на целиот систем. Резултатите се користат во комбинација со други параметри за квалитетот на наставата. Во некој земји фокусот е на перформансите на поединечни училишта (Унгарија, Австрија, Англија), во други на севкупниот образовен систем (Ирска, Франција, Финска, Шкотска). Во третата група целта е поддршка на процесот на учење, преку појаснување на конкретните потреби на учениците и одредување на соодветен начин на настава. Се работи за процес на „оценување за учење“. Многу се значајни за подобрување на перформансите на училиштата и можат да доведат до значително подобрување на процесот на учење/настава. Некаде се задолжителни (Унгарија, Шведска, Норвешка), а некаде незадолжителни (Англија и Шкотска) - објаснува Мицковска Ралева.

Според неа, националните екстерни тестирања можат да имаат и двојна/тројна намена, на пример и проценка на знаењето и оценување на поединечни училишта итн., што е критикувана пракса бидејќи тешко е да се направи тест кој ќе биде валиден за мерење на повеќе аспекти наеднаш.

- Во суштина, вториот и третиот тип на национално (екстерно тестирање) се препорачуваат бидејќи не се фокусираат на поединечни наставници и/или ученици и резултатите не се рефлектираат на успехот/напредокот на кариерата на истите. Тие се фокусирани на подобрување на системот и процесот на учење - вели Мицковска Ралева.

Алатка која санкционира и предизвикува стрес

Професорката Елизабета Секирарска, пак објаснува дека процесот на имплементацијата на концептот на екстерно тестирање е веќе во својата 5-та година. Но, според неа, иако овој период може да се смета за сериозно време во рамките на кое секој реформски зафат веќе треба да ги даде очекуваните резултати, сепак, колку и да се инсистира на фокусирањето кон потребата од истиот – подигање на квалитетот на образованието и објективното оценување на наставниците со цел да се елиминира “петкоманијата” сè уште не се гледа реализацијата на така поставените цели.

- Веќе е јасно дека екстерното тестирање ја изгуби својата смисла, затоа што се претвори во алатка која санкционира, предизвикува стрес и за учениците и за наставниците, деградира и дефокусира од она што наставникот навистина е – не е само оценувач, туку е педагог, дидактичар, методичар, пријател, втор родител. Со инсистирањето на ваков концепт, тој ја изгуби врската со ученикот и дозволи да му се креира аспект според кој она што цела година го прават заедно во училницата е помалку валидно од она што самиот како ученик ќе го направи, и тоа  како инцидентен чин на небулозна проверка на она што го знае. Ученикот се учи на снаоѓање, на меморизирање на факти кои не подразбираат дека знае и го ставаат во ситуација во која не е мотивиран да биде витален дел од процесот на настава - вели Секирарска.



Ја прашавме професорката и кога веќе го имаме екстерното, како треба истото да биде поставено, за да нема стрес кај сите учесници, и секако да биде во функција на подобрување на образовниот процес.

- Пред сè мора да биде изградено на здрава, професионална основа која ќе подразбере прво: Целосна ревизија на наставните програми, селекција и издавање на валидни, педагошки, воспитно и образовно избалансирани учебници кои ќе бидат вистински помагала и извор на знаења, а не средство за контаминација и погрешна перцепција на младите кои од нив учат. Само од валиден учебник, од кој ќе се учи во сите училишта може да се очекува градење на систем за проверка кој ќе биде реален и важечки за сите, наместо импровизации на кои сведочиме, бидејќи или воопшто нема учебници, па секој наставник се снаоѓа како знае и умее и според сопствените професионални аспекти гради материјал за учениците, или веќе постоечките не се соодветни за средношколците по било кој основ, а прашањата во униформен формат важат за сите ученици, без оглед од каде учеле - смета професорката.

Таа исто така потенцира дека важно е да се креираат стручни тимови од наставници-практичари кои имаат реален допир со наставата, нивото на знаења, навиките и осетот на одговорност на учениците, затоа што само таков директен контакт може да обезбеди валиден пристап кон градењето на системот на проверка на она што го знаат.

- Само од практичари кои знаат како се прави тест, како се сублимира она што е маса на информации од која се издвојува она што е навистина важно, може да се изгради инструмент за проверка според стандарди кои истиот ги подразбира. Со тоа ќе се избегне овој навистина траги-комичен базен на прашања, извлечени од контекст низ пасусите во учебниците, лошо формулирани, дефинирани за проверка на најниското ниво на знаења, поставен како дијаметрално спротивен механизам на целогодишното следење на ученикот низ различни форми на израз. Ова дотолку повеќе што е недозволиво различни прашања да бидат вреднувани со еднаков број на поени, сите со по 1, без оглед дали се заокружува еден точен одговор од повеќе понудени (со напомена дека сите може да се точни, бидејќи прашањето е така формулирано) или треба да се допише точниот одговор, да се реши задача по математика, да се препознае она што се бара како аспект и слично. Исто така, многу е важно  да се елиминираат негативните оценки добиени на тестот од свидетелствата на учениците, бидејќи не е дозволиво упорно да се инсистира на тоа дека тоа е исправно, само затоа што тоа законодавецот го дефинирал како такво. Со тоа што бројот на предметите на ученикот се зголемува, бидејќи  ист предмет двапати се појавува во свидетелството, просекот на ученикот се намалува и да се случи совпаѓање на двете оценки. Фактот пак дека многу често и послабите ученици добиваат апсурдно високи оценки на тестот, упатува на неодбранливоста на валидноста на вака замислениот концепт - вели Секирарска.

Таа дава и неколку другу примери за тоа како се спроведува екстерното во други земји, но истото е со сосема други цели.

- Имено, во Англија на пример, системот подразбира дека се посветува еднакво внимание на интерните проверки во текот на годината и надворешната евалуација преку национални тестови, со напомена дека наставниците реагираат на фактот дека тестовите се стресни за учениците и секогаш подразбираат “учење по потреба” Во Словенија, ваквите тестирања се спроведуваат на крајот на трето, шесто и деветто одделение и имаат исклучиво формативна улога, без последици по сите чинители во воспитно-образовниот процес и служат за креирање на образовната политика. Во Германија, на пример, овој систем  е целосно исфрлен, а во Финска, која се смета за земја со образовен систем од сништата, екстерно се тесрираат само учениците од последната година во основното образование, преку внимателно избалансирани марни инструменти. Она што мора да се нагласи е дека само кај нас, концептот на екстерното тестирање е со ваков ендемски вид, уникатен по сите основи, бидејки никаде во светот не е замислен во ваква форма и се користи исклучиво за детекција на она што во образовниот систем не чини,за да силите и сите ресположливи ресурси се наочат кон елиминирање на истите и подобрување на системот  - завршува Секирарска.