Директорот на ЦИА прозборе за извештајот од 11 септември кој се крие од јавноста

Директорот на ЦИА прозборе за извештајот од 11 септември кој се крие од јавноста

Подготвил: Драгана Петрушевска

Директорот на ЦИА, Џон Бренан изјавил во неделата дека очекува да бидат објавени 28 доверливи страници од конгресниот извештај за нападите на 11 септември во 2001 на САД. Тој додава дека Саудиска Арабија ќе биде ослободена од секакви обвинувања за тие напади.


„Мислам дека тие 28 страници ќе бидат објавени, ја поддржувам нивната објава и сите ќе видат докази дека саудиската влада немала ништо со тоа“, изјавил Бренан во интервју за саудиската телевизија „Arabiyju“.

Доверливиот дел од извештајот од 2002 година е клучен за спорот за оштетата на саудиската влада за тие напади која би ја барала САД. Американскиот сенат неодамна усвои предлог закон кој им овозможува на семејствата на жртвите од нападот да ја тужат саудиската влада, но Белата куќа се закани дека ќе стави вето.

Саудиска Арабија негира дека на било каков начин им помогнала на напаѓачите, кои биле саудиски државјани, а кои убиле речиси 3.000 луѓе во овие напади. Тие предупредуваат и дека би можеле да ги продадат американските акции во вредност до 750 милијарди американски долари и другиот имот доколку законот биде усвоен.

Бренан ценил дека тој дел од извештајот од 28 страници е само „прелиминарен преглед“.

„Потоа беше утврдено, според резултатите од извештајот, дека нема никаква врска меѓу саудиската влада како држава или институција и нападите од 11 септември“, вели тој.

Поранешниот американски сенатор Боб Греам изјави во април дека Белата куќа веројатно до јуни ќе одлучи дали ќе ги објави тие страници.