Избрани се најбезбедните и најчистите училишта во Македонија

Избрани се најбезбедните и најчистите училишта во Македонија

Врз основа на Јавен повик за избор на „Најбезбедно и најчисто училиште” во рамки на истоимениот проект, чијашто цел е зголемување на безбедноста и хигиената во училиштата, Министерството за образование и наука во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, избраа три основни и три средни, најбезбедни и најчисти училишта во Република Македонија за учебната 2015/2016 година.



Изборот на најбезбедно и најчисто училиште го изврши стручна комисија, формирана од Министерството за образование и наука, врз основа на пристигнати апликации и увид во самите училишта.

За најбезбедни и најчисти основни училишта избрани се: ООУ „Тошо Велков Пепето“ – Кавадарци - прво место; ООУ „Васил Главинов“ – Велес - второ место и ООУ„Рајко Жинзифов“ - Велес (с.Долно Оризари) - трето место.

Во категоријата на средни училишта, за најбезбедни и најчисти училишта избрани се: СЕТУГС „Михајло Пупин“- Скопје - прво место; СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје - второ место и ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово - трето место.

Прво наградените основно/средно училиште ќе добијат смарт табла која ќе биде обезбедена од страна на Министерството за образование и наука, додека наградите за второто и третото место ќе бидат обезбедени од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.